Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со проектот „Регионална акција на ЕУ за искоренување на болести кај животните во Западен Балкан“, утре, вторник, 15.03.2022 година и во среда, 16.03.2022 година, во Велес, ќе одржи симулациска вежба за искоренување на болеста Чума кај мали преживари.
-Теренскиот дел од вежбата ќе се одржи во среда (16.03.2022 година) во с.Сујаклари во Општина Велес, поради што ја известуваме јавноста и локалното население од ова населено место дека не станува збор за реална ситуација и појава на болест, туку за активности поврзани со симулациската вежба. Преку вежбата, по однапред утврдено сценарио и доделување на улоги на учесниците, ќе се реализираат активности кои треба да се преземат во случај на појава на болеста чума кај мали преживари, со цел тестирање на системот и подготвеноста на АХВ соодветно да постапи во случај на појава на оваа болест. Вежбата има за цел и унапредување на регионалната соработка и комуникација на институциите и ветеринарните служби при појава на болести кај животните кои се предмет на плановите за итни мерки, велат од АХВ.
На симулациската вежба, ќе учествуваат и претставници од Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје и експерти од Република Србија и Европската унија.