четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Од прехранбената индустрија уверуваат дека има доволно масло за јадење и суровини

Од прехранбената индустрија уверуваат дека има доволно масло за јадење и суровини

Нема проблем со обезбедувањето суровини за еден од основните прехранбени артикли, маслото за јадење. Сончогледот главно се увезува зашто сме мал производител, но добро се менаџира со залихите и набавката за наредниот период, велат од прилепската компанија „Витаминка“ кој со 60 отсто ги покрива домашните потреби.

Според Љупчо Велески, менаџер за извоз, цената е според насоките на институциите.

-„Витаминка“ е доминантен производител на масло за јадење за домашниот пазар и со околу 60 проценти ги задоволува домашните потреби. Македонија има многу мало производство на сончоглед, па доминантно се снабдуваме од странство. Со оглед на новите мерки и ограничувањата, производството е за домашниот пазар. Во овој момент, во овие констелации, „Витаминка“ има доволно обезбедено базична суровина за производство на сончогледово масло за јадење, најмалку за наредните месеци и прави напори перманетно тој процес да се одржува. Цената е под контрола и е во склоп со препораките од институциите, вели Велески.

Што се однесува на извозот на другите производи, засега нема проблеми. Транспортот е непречен, но, разбирливо, поскап. Иако националните економии ги штитат домашните производи, извозот е перманентен поради стаблни договори и дисперзирање на пазарот.

-Кризата  во Украина се надоврза на кризата од пандемијата и во многу ја „здрма“ светската економија и имаше дискунтинуитет во глобалниот синџир на снабдување и на продажба. Сега уште во поголема мера се искомплицираа тие процеси. Процесите се отежнати, но извозот функционира. „Витаминка“  има континуиран извоз во 30-тина земји. Првиот квартал во годинава ни дава за право да се надеваме ќе продолжи растот на извозот. Побарувачката на странските пазари е стабилна. Но никој не може да предвиди што ќе се случи понатаму. Ќе биде многу тешко ако настане прекин на клучните суровини, цените на суровините и натаму растат, исто и на енергенсите. За нас како фирма поволно е тоа што имаме стабилни партнерски договори со најголемите трговски системи во Европа, имаме солидна диверзификација на производи и на пазари, не зависиме доминантно од еден пазар, туку пласманот ни е дисперзиран што ни дава некоја сигурност. Основните, базичните суровини и продукти се ставени под контрола на државните институции, и секоја земја која е производител согледува прво да ги намири сопствените потреби и да чува за одреден период. Дисбалансот е направен со кризата, тоа ќе ги зголемува цените, објасни Велески.

Се оценува дека во државава добро се менаџираат состојбите, особено со залихите.

-Кај нас мислам дека снабдувањето се менаџира многу квалитетно, имаме доволно залихи на клучните суровини за одреден временски период и за да ги задоволиме потребите на производството. Во континуитет се дополнуваат залихите, така што од тој аспект сме заштитени како компанија- производител, вели Љупчо Велески, менаџер во прилепската прехранбена индустрија „Витаминка“.  (МИА)

Најнови вести