недела, 11. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Одбележување на Денот на Првата пешадиска бригада

Одбележување на Денот на Првата пешадиска бригада

Во касарната „Страшо Пинџур” во Петровец, утре во рамки на активностите по повод 30-годишниот јубилеј на Армијата, со воена свеченост ќе се одбележи денот на најголемата борбена единица во Армијата, Првата пешадиска бригада (1.пбр).

На воената свеченост ќе присуствуваат министерката за одбрана Славјанка Петровска, началникот на Генералштабот генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, заменик на министерот за одбрана Башким Хасани, претставници од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, военото раководство од Генералштабот и потчинетите команди, генералите во Армијата, поранешни команданти на единицата и други гости.

Како што е најавено од МО, согласно програмата, на воената свеченост обраќање пред припадниците на бригадата ќе имаат министерката Славјанка Петровска, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини и командантот на бригадата, полковник Сашко Лафчиски.

Ќе се прогласи и најдобра единица од составот на бригадата, ќе се доделат стимулативни мерки и награди, ќе се изведе кратка културно-забавна точка, додека на крајот од свеченоста единиците од составот на бригадата ќе изведат свечено дефиле.

Првата пешадиска бригада го одбележува 2 април, како датум кога пред десет години оваа единица ги презема задачите и одговорностите на двете поранешни бригади, со што стана најголемата борбена единица со застапеност од повеќе армиски родови.

Воената свеченост, како една од организираните активности по повод 30 години од постоењето на Армијата, симболично ќе биде посветена и на почетоците на формирање на првите армиски структури на Армијата по преземањето на сите воени објекти и подготовките за прием на првите регрути.

Најнови вести