Основниот Кривичен суд – Скопје го прифати барањето на Обвинбителството и му одреди мерка притвор на доскорешниот генсек на Владата Мухамед Зеќири.
-Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерка притвор против едно лице за кое постојат основани сомненија за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, судија на претходна постапка по произнесување на надлежниот обвинител и осомничениот во присуство на неговиот бранител во однос на предлогот, а притоа ценејќи ги сите факти приложени во предлогот, донесе решени со кое го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1,2 и 3 од ЗКП. Како што и претходно информираше судот, судијата на претходна постапка по добивање на предлогот на Јавниот обвинител, во Законски утврдениот рок издаде наредба до надлежната ПС за спровод на осомничениот, но во текот на денот истиот самиот се пријави во судот да се произнесе во однос на предлогот, се вели во одлуката од Судот.
Против ова решение странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на овој суд.
Што се однесува до другите двајца осомничени – опфатени со предлогот за определување мерка притвор кои се странски државјани и за кои е добиено известие дека се недостапни на органите на прогон, донесено е решение за притвор од нивно пронаоѓање односно лишување од слобода.
Обвинителството вчера доставило предлог до Судот за притвор.
Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска донесе наредба „за спроведување истражна постапка против двајца хрватски државјани и висок функционер во Владата на РСМ во својство на службено лице, осомничен дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување“.
Зеќири се сомничи дека во периодот од април 2021 година до јануари 2022 година, со искористување на службената положба, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија, осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, на штета на Буџетот на Р.Северна Македонија, износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги.