Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков потврди дека денеска разговарал телефонски со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, но немало конкретен договор што би довело до прекин на штрајкот во училиштата и градинките и нов процент на покачување на платите од веќе понудените 10 отсто.
-За жал не. Разговорот беше во правец на попуштање на тврдото „не“ и во правец да се изнајде уште некој процент за да може ние во членството да побараме штрајкот да се стави во мирување или да се прекине. Министерот вели: Толку е и не може ни процент понатаму да се оди. Се разбира, и другите барања кои ги имаме доставено писмено до министерството, и за нив да се расправа на Влада, а тоа е усогласување на платите согласно Колективниот договор наредните две години, да се планира буџетот за 2023 и 2024 година, потпишување колективни договори со што ќе се регулираат некои прашања. Така што, не е само ова сламка на сопнување, туку имаме и други работи, рече Неделков за МИА.
Министерот Шаќири претходно изјави дека на седница на Влада денеска ќе информира за состојбата во образованието и заклучоците ќе бидат пратени до СОНК и соопштени во јавноста. Неделков рече дека и тие очекуваат одлука од владината седница за да знаат, како што рече, и тие како да се однесуваат.
За повиците од МОН и МТСП да го прекинат штрајкот кој денеска е во седмиот ден, вели дека како претседател на синдикатот нема моќ да ги убеди членовите на СОНК да излезат од штрајкот.
-Бидејќи јас не одлучувам да се прекине штрајкот. Одлучуваат тие што штрајкуваат. Јас сум само тој што ги претставува нивните интереси, рече претседателот на СОНК.
Во однос на денешната изјава на народниот правобранител Насер Зибери дека при судир на две права гарантирани со Уставот, предност има правото на дететото и оти образовниот процес не треба да трпи, Неделков одговори дека работодавците може да обезбедат кадар со заменски наставници.
-Правото на децата за образование е регулирано со Законот за детска заштита, законите за основно и за средно образвование. Оттука, оној критикуван закон за заменски наставници го дава правото на работодавачите да обезбедат соодветен кадар. Така што, некој мислел за тоа доколку дојде до ваква ситуација дека нема да има прекин на наставата и дека ќе се обзбеди соодветен кадар за да продолжи учебната година. Тоа не е проблемот, ние може да се надмудруваме, а најмалку сакам да се препукуваме преку медиумите, но се прави хајка на штрајкот и дека СОНК е единствениот виновник за оваа ситуација на неостварување на правата на децата. Два месеца преговаравме со надлежните, и по една недела штрајк, дури тогаш добиваме предлог за едно од прашањата, за другите ништо. И тоа устен предлог кој утре може да не важи и да речат: Извинете, условите се променија, не можеме ништо да ви удоволиме. Не велам дека ќе не излажат или дека нè лажат, но пристапот е многу несериозен, додаде претседателот на СОНК. (МИА)