среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

СПЦ и БПЦ се уште молчат за одлуката на Вселенската Патријаршија

СПЦ и БПЦ се уште молчат за одлуката на Вселенската Патријаршија

Бугарската и Српската православна црква се уште без коментар за одлуката на Вселенската Патријаршија за враќање на Охридската Архиепископија во канонското единство во православниот свет. Но затоа не запираат реакциите во медиумите во Бугарија и Србија, дека на БПЦ И СПЦ, соседните цркви на МПЦ, им пречи признавањето на Охридската Архиепископија.

Во недостиг на официјален став од БПЦ, бугарските аналитичари порачуваат дека не смее да биде призната ОА како македонска, бидејќи за нив БПЦ е наследничка на Охридската Архиепископија и е веќе сместена во црковниот устав.

Исти тонови доаѓаат и од српските познавачи на црковното прашање. Со, како што ја нарекуваат – неканонската одлука на Цариградската патријаршија, не само што се прејудицирало решение на прашањето за македонскиот раскол, туку Цариград со ова сакал целосно да ја деградираат силата на евентуалниот томос кој СПЦ би го дала на православните Македонци.

Во кратки црти, би рекол дека ова што го направила Цариградската Патријаршија, наводно великодушно кон Скопје, тоа е Данајски подарок. Нема ништо од тоа. Ова е блефирање, дека цариградскиот Патријарх, односно Цариградската Патријаршија, имаат клучна улога во решавњето на ова прашања, а ниту имаат ниту може да имаат бидејќи тоа е надвор од рамките на Канонот – вели Јован Јањиќ – српски професор.

И домашните аналитичари не ги кријат сомневањата дека БПЦ и СПЦ лесно ќе го надминат и прифатат зборот на Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Според нив, максимумот кој може да го очекуваме од СПЦ е да понуди широка автономија, а што ќе направи бугарската црква , освен да не сослужува со македонските свештеници никој од црковните познавачи не може да претпостави.

Од друга страна, македонската јавност се уште е во дилема – колку е добро или не признавањето на Охриската Архиепископија без да го создржи името “Македонија“ или македонска. За дел од упатените во црковна политика, тоа е позитивно бидејќи ако би се признала Православна Црква на Македонија со претставката „северна“ реално , таква црква, би постоела само 4 години, од промената на името со Преспанскиот договор.

Македонските владици треба многу да внимаваат со употребата на уставното име, бидејќи тоа после ја повлекува и самата титула на поглаварот на МПЦ, дали во неа ќе ја има додавката „македонски“, сетоа тоа треба на време на да утврди, расчисти за да после не дојдеме во ситуација која нема да ни одговара вели за Алфа, Бранко Ѓорѓевски, новинар и познавач на црковното прашање.
Уште поважно во целата ситуација е каков став ќе заземе МПЦ во преговорите кои се очекуваат со Српската Црква. Дијалогот започна далеку од очите на јавноста, а со оглед на тоа дека ништо не се открива, најверојатно зад затворени врати и ќе продолжи. Српската православна црква на 15-ти мај ќе оддржи Собор во Сремски Карловци, каде најверојатно на маса ќе се најде и прашањето за независноста на македонската црква.

Најнови вести