сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Живот и стил

Според календарот на МПЦ утре се слават овие светители

Според календарот на МПЦ утре се слават овие светители

Светиот маченик Исидор

Во времето на царот Декиј, Исидор беше насила земен во војска од островот Хиос. Од малечок се држеше за Христовата вера и животот го минуваше во пост, во молитва и во добри дела. Во војската штом се прокажа како христијанин, војводата му побара одговор и го советуваше да се одрече од Христа и да им принесе жртва на идолите. Светителот одговори: „И телото да ми го убиеш, над мојата душа немаш власт. Јас Го имам вистинскиот и жив Бог Исус Христос, Којшто и сега живее во мене и по мојата смрт ќе биде со мене и јас сум во Него и ќе останам во Него и нема да престанам да го исповедам Неговото Свето име дури е духот во моето тело“. Војводата нареди и најпрво го биеја Исидор со воловски жили, а потоа му го отсекоа јазикот. Но и без јазик Исидор со Духот Божји говореше и го исповедаше Христовото име. Војводата пак, го постигна Божја казна и одеднаш онеме. Нем најпосле даде знак да го убијат Исидор со меч. А Исидор ? се зарадува на пресудата и фалејќи Го Бога најпосле излезе на губилиштето, каде што му ја отсекоа главата, во 251 година. Неговиот другар Амониј го погреба неговото тело, но за ова и самиот пострада и прими венец на мачеништво.

Тропар

Радувај се, Исидоре, свети мачениче, кој Божјата волја во срцето и умот свој ја укотви, животот во рацете Христови го положи, за нас застапи се, свет војниче, кои денес го празнуваме светиот твој спомен, и на твоите молитви се надеваме.

Преподобен Серапион Синдонит

Синдон значи крпа платно. Овој светител е наречен Синдонит, бидејќи својата голотија ја покриваше само со една крпа платно. Во раката носеше Евангелие. Серапион живееше како птица, без покрив и без грижи, преоѓајќи од место на место. Својот синдон му го даде на еден бедник којшто трепереше на мразот, а самиот остана сосем гол. Кога некој го запраша: „Серапионе, кој те разголе?“ Тој покажа на Евангелието и рече: „Ова!“ Но потоа и Евангелието го даде за откуп на некој задолжен човек, когошто доверителот го гонеше во затвор заради долгот. Еднаш во Атина четири дена не јадеше ништо бидејќи немаше ништо и почна да вика од глад. Кога атинските философи го прашаа зошто вика, тој одговори: „На тројца им бев должен, двајца ги подмирив, а третиот уште ме мачи. Првиот заемодавец е телесната похот, која ме мачеше во младоста; вториот среброљубието, а третиот стомакот.“ Философите му дадоа златник да си купи леб. Тој отиде кај пекарот, си купи само еден леб, го остави златникот и си отиде. На старост мирно се престави кај Господ, во 5 век.

Тропар

Блажен си, оче Серапионе, бидејќи радоста на бестрастието ти беше подарена, и солзите на утехата лицето твое го красеа. Подобието твое на Христа угодно, молитвено денес нe закрилува, и пример за врлински живот имаме, од кој, оче свети, моли се да не отстапиме, за Бога да Го прославиме во вечни векови.

Блажениот Исидор Јуродив заради Христа

Германец по потекло. Кога дојде во Ростов ја засака православната вера, па не само што стана член на Православната Црква туку го зеде на себе и тешкиот подвиг на јуродството. Одеше сиот во крпи. Денот го минуваше правејќи се луд и под вид на лудост ги поучуваше луѓето, а ноќта ја минуваше во молитва. Ноќеваше во една колиба од гранки, којашто самиот си ја направи. Овој светител покажа големи и страшни чуда и за време на животот и после смртта. На еден трговец, кој беше исфрлен од коработ и се давеше во морето, Исидор му се јави одејќи по водата и го изведе на брегот. Кај ростовскиот кнез пресушија еднаш сите садови со вино, бидејќи слугите го избркаа Исидор од пред вратата и не му дадоа чаша вода. Кога умре, во 1484 година, на 14 мај, во својата колиба, сиот Ростов замириса со некој прекрасен мирис. Оној трговец когошто Блажениот Исидор го спаси од морето, му подигна црква на местото каде што беше неговата колиба.

Тропар

Многуте подвизи преку кои Христос Спасителот, во Небесното Царство те воведе, беа мелеми за душата твоја, злоставувањата срце ти отворија, во кое гревовите на ближните ги криеше, и за нив непрестајно се молеше, о Исидоре, горостасу на љубовта, луд за светот, а премил за Господа. Молиме денес и секогаш, една солза твоја радосна, за нас да се источи пред престолот Христов.

Свети Леонтиј Струмички, патријарх Ерусалимски

Свети Леонтиј е роден во Струмица, поранешен Тивериополис, од богати и благочестиви родители. На Крштението го добива името Лав. Штом научи да чита почна да ги изучува Светото Писмо и житијата на Светиите, a во душата му се роди желба да стане монах. По смртта на родителите се повлече на една осамена гора, каде што почна да се подвизува, а потоа замина за Цариград, каде што стапи во манастирот на Пресвета Богородица, наречен Птелидион, тука примајќи монашки потстриг. Живеејќи во покаен плач и солзи се издвојуваше по особеното почитување и љубов кон нашиот Господ и Неговата Пресвета Мајка. Иако сè уште млад, Преподобниот презема на себе еден тежок подвиг: одеше по улиците на царскиот град правејќи се дека не е со здрав ум, поради што мнозина го исмеваа и навредуваа, а често и физички го повредуваа. Поднесувајќи сè со големо смирение Преподобниот набргу достигна голема мерка во добродетелта и во молитвата од што најприродно се појави и дарот на чудотворство. Носеше жар во рацете или во мантијата и ги кадеше чесните икони по градот, а огнот не го повредуваше. Во тоа време во Цариград дојде еден добродетелен Архиереј од градот Тиверијада, а Преподобниот штом го здогледа отиде кај него и почна да му служи во послушание. Тој живееше на една гора надвор од Цариград и околу него се собираа и други духовни чеда. Еден ден Преподобниот беше испратен во Цариград по работа, но со благослов да се врати истата вечер како не би му се случило некое искушение во градот. Тој знаеше често да каже дека рибата не може долго да издржи надвор од водата во врска со излегувањето на монасите надвор од своите манастири. Извршувајќи го своето послушание во градот Преподобниот не можеше да најде брод којшто ќе го врати на спротивната страна и за да не ја наруши заповедта на Старецот се фрли во морето, а водата му дојде само до грлото додека не дојде до другата страна. Така Бог устрои за светото момче да не се возгордее и да не помисли за себе високо дека е сличен на Господ во Неговото одење по површината на морето, а сепак на чудесен начин да стаса на другата страна извршувајќи го своето послушание. По некое време Тиверијадскиот Епископ тргна на пат за својата црква во Ерусалим и со себе го зема и блажениот Леонтиј, a патем тие свратија на островот Патмос. Преподобниот измоли од духовниот отец благослов поради зголемување на својот подвиг да остане во манастирот на свети Јован Богослов. Подвизувајќи се таму со тајни подвизи, за коишто никој од браќата не знаеше, особен за него беше дарот на солзи и богоподобното смирение, поради кои умот толку му беше просветлен од Господ што многу книги од светите Отци знаеше напамет. Игуменот го замонаши во голема и ангелска схима и го удости со Светата Тајна на свештенството. Поради своето смирение и големите тајни подвизи, пред сè во молитвата на срцето, се удостои со многу виденија на светиот апостол и евангелист Јован, а по смртта на игуменот браќата го избраа за нов старешина на Апостоловиот манастир. Кога неговите добродетели се прочуја и за него дозна благочестивиот цар Мануил Комнен (1143-1180 г.) по желба на царот и на мнозина архиереи беше избран за Патријарх Ерусалимски. Како Епископ помина некое време во метосите на Ерусалимската Патријаршија и Светиот Гроб на островот Кипар, а потоа се пресели во градот Акра на палестинското крајбрежје (поради Латините кои тогаш владееја со Ерусалим не дозволувајќи му на православниот Патријарх таму да се смести), а потоа прејде и во Ерусалим. Латините коишто ја имаа световната контрола врз Ерусалим не му дозволуваа на светиот православен Патријарх да богослужи на Гробот Господов и во храмот на Светото Воскресение, па дури му подготвуваа и потајно убиство, така што по желба на царот Мануил Преподобниот се врати во Цариград. Тука свети Леонтиј проживеа неколку години и по многу прекрасни и спасоносни чуда, кои Господ ги изврши по молитвите на Својот верен и добар слуга. Се упокои во мир во 1185 година, а неговите свети мошти ги положија во храмот на свети архангел Михаил. Неговиот свет спомен се празнува на 27 мај. Така се приброи праведникот кон Праведниците, преподобниот кон Преподобните, доброволниот маченик кон Мачениците и архиерејот кон Светителите оставајќи го споменот за својот свет живот како пример и утеха за сите што застанаа на тесниот пат што преку очистувањето од страстите води до Единствениот вистински Живот. Житието на свети Леонтиј Патријарх Ерусалмски на времето е составено од цариградскиот монах Теодосиј, а свети Никодим Светогорец го внесе ова житие во книгата наречена „Неон Еклогион“.

Тропар

Струмичка пофалбо, наставнику на монасите, свештеноначалнику на Ерусалим, наследнику на братот Господов, богоносен оче наш Леонтиј, откако од небесата прими благодат да твориш чудеса, избави нe, нас кои те почитуваме, од секаква тага и неволја и моли Го Христос Бог да ги спаси душите наши.