петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Прогласување на победниците на натпреварот на ученички компании во организација на „Џуниор ачивмент“

Прогласување на победниците на натпреварот на ученички компании во организација на „Џуниор ачивмент“

Петта година по ред „Џуниор ачивмент“ организира натпревар на ученички компании, чија цел е учениците со поддршка на наставници ментори да учат преку работа и така да ги развиваат практичните компетенции, креативноста и иновативноста, како и претприемачкиот и натпреварувачкиот дух.

На манифестацијата на која беа прогласени победниците за учебната 2021-2022 година се обрати и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој рече дека натпреварот преминува во традиција, затоа што концептот е интересен за младите и тие сакаат да решаваат предизвици.

– Благодарност до организаторот што со своите заложби за спроведување на овие неформални образовни активности надвор од училишните клупи, му дава една додатна вредност на воспитно-образовниот процес во нашата земја и го поттикнува претприемничкиот и натпреварувачкиот дух на учениците, на кои навистина им треба да добиваат вакви шанси преку кои ќе ги покажуваат своите лидерски способности, својата креативност и иновативност, што всушност се совпаѓа со целите на реформите кои ги прави Министерството за образование и наука и Владата за да имаме посовремен образовен систем, рече Шаќири.

Информираше дека претприемачкото образование е дел од суштинската реформа на основното образование која е во тек и тоа се внесува во сите задолжителни и изборни предмети, но и во воннаставните активности. Сите нови наставни програми и учебници се изработуваат врз основа на осум национални стандарди за постигања на учениците, а еден од нив е „техника, технологија и претприемништво“.

-Од учениците се очекува да стекнуваат компетенции кои се поврзани со способности за преземање иницијативи, за креирање идеи и претворање на идеите во производи и услуги, за носење одлуки и преземање ризик, додаде Шаќири.

Честитајќи им на победниците, тој упати порака до сите учесници да бидат истрајни и упорни во секоја битка и да се водат по идеологијата за доживотно учење бидејќи, како што рече, едукацијата е процес, а не чин кој завршува на конкретен датум.

Во рамки на тридневната манифестација што се одржа во Струга, првпат беше избран и наставник на годината, како и најпретприемачко училиште, информира МОН.

Најнови вести