Здружението на новинарите на Македонија остро ја осудува заканата упатена кон новинарката на ИРЛ, Маја Јовановска од страна на Садредин Елезоски, раководител на Секторот за урбанизам во општина Маврово Ростуша.
Во продолжение го пренесуваме соопштението на ЗНМ:
Екипа на ИРЛ вчера беше во Маврово на средба со неколку лица вработени во општината Маврово и ЈП Национален Парк Маврово. Единствено раководителот на Одделението за урбанизам во општината, Садредин Елезоски, одбил да се сретне со новинарите иако, според информациите на Јовановска, повеќе пати бил контактиран. По повикот што денеска го остварил Садредин Елезоски со Маја Јовановска, која му објаснила дека се’ уште очекуваат одговори на прашањата испратени уште на 4 април, тој упатил навреди и погрдни зборови кон новинарката, заканувајќи се со зборовите: „Пази се од денес. Ќе видиш ти што ќе ти се случи ако дојдеш тука.“
И покрај заканите, новинарката Јовановска му најавила дека повторно ќе дојде во Маврово следната недела, бидејќи општинската администрација должи одговори за хаосот со дивоградбите кои се градат во Националниот Парк Маврово.
Колешката Јовановска се обрати до ЗНМ и посочи дека: ,,Претходно сум имала индиректни закани поврзани со истражувањата на кои сум работела и кои доаѓале од лица со моќ и на влијателни позиции. Но, ова е прв пат да ми упатат директна закана. Во првиот момент навистина се исплашив, бидејќи истражувањето на кое работиме се повеќе и повеќе докажува политички и бизнис интереси во разнебитувањето на најголемиот Национален парк Маврво”.
Одговорниот уредник на ИРЛ, Сашка Цветковска, вели дека притисоците и заканите кон редакцијата се засилени во последната година, особено по стартот на проектот Редакција кој расветлува корупција и криминал и се прикажува на Јавниот сервис и на интернет. “Целата енергија наместо на случаи на корупција оди на тужби, притисоци и закани и организирани и платени хајки во медиумите против нас, во кои учествуваат и медиуми. Се прават постојани обиди проектот ИРЛ да исчезне. Ова не е прва закана и редовно истите ги пријавуваме во ЗНМ и во Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, но никој досега не се дрзнал експлицитно да се заканува по живот. Известувањето за злоупотребите од стравотни размери каде што еден од лицата од интерес е и господинот Елезоски ќе продолжи, а екипата на ИРЛ и Маја Јовановска ќе одат во Маврово и Ростуше следната недела, онака како што планиравме, во надеж дека ќе ги добиеме одговорите кои јавноста ги заслужува, “, вели Цветковска.
Случајот денеска беше пријавен во МВР и ЗНМ ќе ја следи понатамошната истрага. Потсетуваме дека единствено преку строга санкција на нападите и заканите од страна на институциите во иднина ќе може да се спречат напади и закани кон новинарите. Државата има обврска да обезбеди ефикасен систем на превенција и казнување на насилството врз новинарите. Тоа е основен предуслов за подобрување на состојбата со слободата на говорот.
Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) повеќе од три години известува за урбанистичките проблеми, криминал и корупција во Општината Маврово и Ростуше. Според колегите од ИРЛ комуникацијата со локалната власт секогаш е отежната, администрацијата е нетранспарентна и новинарите на ИРЛ многу тешко добиваат одговори од Секторот за урбанизам.