Може да се намалат акцизите или ДДВ на горивата и со тоа притисокот врз индустријата, стопанството, врз граѓаните ќе биде многу помал. Истовремено тоа што ме загрижува е дека Македонија нема стокови резерви, изјави за „Отворено“ на ТВ24, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски.
– Во овој ребаланс има предвидено зголемување на ставка за стокови резерви 427, 9% и тоа е поразителен факт, затоа што знаеме дека министерот за земјоделие неколку пати кажуваше дека имало, па немало, па ќе земале од Вучиќ и преку овој документ се испостави дека нема, истакна Здравковски.
Здравковски посочи дека доколку оваа власт имаше добри стратези за економија ќе се обидеше да ги привлече инвеститорите кои бегаат од Источна Европа, но ни тоа не го прави.
– Доколку ние сакаме да се справиме со оваа криза, еве гледаме од Источна Европа бегаат инвеститори, ние требаше да се насочиме кон градење на инфраструктурата. Но, од овој ребаланс гледаме дека таму се најголемите кратења. Ако ги привлечеме инвеститорите и направиме добра инфраструктура, ќе немаме толкав процент на невработеност, ќе има зголемен приход преку ДДВ и така натаму. Но власта ништо не прави во тој дел, рече тој.
Здравковски се осврна и на платите и потенцираше дека она покачување кое го гледаме во ребалансот е изнудено во делот на образованието и детската заштита затоа што имаше штрајк од СОНК и е резултат на штрајкот.
– Ако не беше изнудено ќе беше проектирано уште во иницијалниот буџет за 2022. Со покачувањето на минималната плата кое го направија со популизам, таму има категоризација дека скалесто се подредени сите работни места според коефициент на сложеност на работно место и штом се покачува минималната плата, законски треба да се покачат сите плати според коефициент, но не се покачија. Затоа има протести. Ние имаме амандман кој е предлог на синдикатите кои бараат линеарно покачување за колку толку да им се ублажи ценовниот шок, рече Здравковски.