На вечерашниот протест против францускиот предлог кој се одржа на неколку локации во Скопје, пред Собранието на присутните се обрати и Бранко Секуловски, поранешен професор и поранешен судија.
Тој посочи дека на ваквите протести, заеднички именител е гневот од ненародната политика на извршната власт и помеѓу другото, предлогот во врска со спорот со Бугарија.
-Како правник, кој целиот свој живот го изучувал и спроведувал правото и правдата, дозволете ми да се осврнам на некои правни аспекти од тој договор и од францускиот предлог. Да ве потсетам, се започна уште пред повеќе од две децении со потпишувањето на првиот договор за добрососедски односи со Бугарија. Со тоа сценарио, бугарската страна требаше да испорача одредени барања, меѓутоа преовлада сервилноста нашата страна, на преговарачите од Република Македонија така што, како се одвиваше времето, бугарските барања беа се поголеми а сервилноста на македонските политичари се поголема, рече тој.
Професорот понатаму порача:
„Така дојде до продолжување на оваа Одисеја за да се финализира со капитулантскиот Договор од 2017 година, потпишан од нобеловецот од село Муртино. На сегашните преговарачи од извршната власт им остана само тоа дисциплинирано да го извршат. Ако ја погледнеме генезата на настаните, ќе видиме дека политичките гарнитури во Бугарија се менуваа, а во Македонија останаа истите“.
Почитувани граѓани, како течеше времето, овие договори се помалку личат на договори а се повеќе беа еднострани. Правно договорите се двострани и теретни, ова нема никаква врска со тој договор затоа што нивните се се поголеми, а нашите барања помали, додаде Секуловски.