среда, 22. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Пред Курбан Бајрам во Дебарско продадени околу 2000 грла овни

Пред Курбан Бајрам во Дебарско продадени околу 2000 грла овни

Во пресрет на одбележувањето на големиот муслимански празник Курбан бајрам, по традиција, деновиве најбаран на пазарот во Дебарско е добитокот, односно овните.

– Пред празникот Курбан бајрам, чие одбележување почнува утре, верниците, кои тоа може да си го дозволат, принесуваат курбан. Деновиве почнавме со продажба на овни и до денеска сме продале околу 2000 грла, што е 90 отсто од планираниот број. Во зависност од тежината и возраста едно грло го продаваме од 100 до 150 евра. Освен дебрани, купувачи се и жителите од долнореканските села, општина Маврово и Ростуше, како и помал број од општина Центар Жупа, бидејќи и таму има пазар, изјави за МИА Скендер Аме, претседател на здружението на сточари „Даши“.

Додава дека во бројката се вклучени и оние кои ги купува муфтиството од средствата што верниците кои одлучиле да дадат курбан ги доставуваат во муфтиството, кое потоа купува и го разделува курбанот.

Според верниците, курбанот се коли првиот ден од празникот, по што месото се распределува на сиромашни семејства.

Овој празник, кој се одбележува четири дена, се нарекува уште и Аџи Бајрам, бидејќи на светите места Мека и Медина во Саудиска Арабија, се реализира аџилакот – петтиот столб на исламот.

Од нашата држава на аџилак се 919 верници, од нив 12 од дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и Маврово Ростуше.