„Ни претстои жешка политичка есен, во која што ќе се вкрстат копјата помеѓу власта и опозицијата овој пат за друго важно прашање, а тоа се уставните измени. Или пак идејата која што ја користи опозицијата за да се спречат уставни измени, а тоа е идејата за референдумско изјаснување на граѓаните“, истакна политичкиот аналитичар Александар Спасеноски во „Тема на денот“ на Сител телевизија.
Спасеноски додаде дека за промена на Уставот се потребни 80 пратеници кои што власта ги нема.
„На власта и недостасуваат шест пратеника бидејќи во моментов ВМРО-ДПМНЕ заедно со Левица има 46 пратеника. Односно во овој момент партиите од власта заедно со други политички партии кои што ги поддржуваат уставните измени имаат 74 пратеници. Па во таа смисла првата непознаница е како ќе се стигне до бројката од 80 пратеници за да се отвори постапката за промена на Уставот“, запраша политичкиот аналитичар.
Тој посочи дека власта нема 6 пратеници плус за да се започне и заврши постапката околу отворање на Уставот.