среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Реакција на АПИС

Реакција на АПИС

Во интерес на објективно информирање на јавноста, Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа – АПИС е принудена да реагира на посочениот текст, бидејќи со насловот и содржинското толкување на податоците се создава погрешен впечаток за економските параметри во кои опстојува индустријата игри на среќа. Со оглед на фактот дека се работи за медиум кој главно се занимава со економски теми, во конкретниот случај е целисходно да се направи стручна разлика меѓу „приход“ и „добивка“.

Со пласирањето теза дека „во 18 компании граѓаните оставиле 488,3 милиони евра“ јавноста се става во заблуда за износот на добивка која се реализира во овој значаен економски сектор. Имено, земајќи предвид дека и во конкретниот случај, но и во други околности и со други мотиви се прават целосно нереални пресметки дека приредувачите на игри на среќа во Северна Македонија наводно остварувале профит меѓу половина и една милијарда евра годишно, должни сме истата да ја демантираме и да ја запознаеме јавноста со фактите.

Како државниот Буџет годишно се полни со 280 милиони евра од игрите на среќа? Еве ги фактите во кумулативен износ:

  • Приредувачите на игри на среќа имаат законска обврска за плаќање посебна давачка во вкупен износ од 23%, од кои 1,5% одат за потребите на јавното здравство и 1,5% за потребите на Агенцијата за млади и спорт, а останатите 20% директно се слеваат во централниот Буџет.
  • Казината и автомат клубовите дополнително плаќаат годишно и за секоја лиценца која на приредувачите на игри на среќа во строго дефинирана процедура им ја издава Министерството за финансии, а конечно ја одобрува Владата.
  • Приредувачите на игри на среќа како правни лица плаќаат и годишен данок на добивка по стапка од 10%. Плус за секоја поединечно остварена добивка од играње приредувачите имаат обврска да платат 15% данок на истата.
  • Приредувачите на игри на среќа плаќаат плати за вработените и придонеси од работен однос (со двојни дневници за работа во недела, празници, ноќен труд и сменско работење, бидејќи работното време е 24/7), за 10 илјади вработени.
  • Државниот буџет се полни од приредувачите на игри на среќа и преку оданочување на закупнини на деловни простории, ДДВ преку купување опрема, мебел, надоместоци за струја и давање угостителски услуги, со кои се подржуваат меѓу 54 до 100 илјади други работни места надвор од секторот игри на среќа.
  • Конечно, приредувачите на игри на среќа плаќаат огромни суми на ДДВ, но се исклучени од правото да бараат поврат на истото.

Да резимираме, кога ќе се сумираат приходи и расходи, за приредувачите останува 10% од кои треба да ги покријат трошоците за инвестициите и да остварат заработка што е основна цел на секој бизнис. Односно, профитот од игри на среќа во Северна Македонија е далеку од износите кои се пласираат и се ставаат во одреден контекст.

Најнови вести