Во Брисел денеска официјално почна скринингот за усогласеноста на македонското законодавство со тоа на Европската Унија.
Македонија во Брисел го почна објаснувачкиот скрининг, односно првата фаза од преговорите со Европската Унија. Од денеска па се до 27 септември во седиштето на Унијата ќе има состаноци посветени на областите од првиот кластер „фундаментални вредности“ кога ЕК ќе го презентира новото законодавство за овие области. Официјалниот почеток на скрининг процесот го најави директорката за Западен Балкан Матуела, која и посака среќа на земјава во понатамошниот процес. Вицепремиерот Маричиќ, кој го предводи македонскиот тим пак истакна дека Македонија започнува нова фаза на евроинтегративниот пат, а скринингот ќе ги забрза реформите.
„Процесот на пристапување треба да биде гледан како целосна и амбициозна програма и за оваа програма да биде успешна, треба да биде базирана врз објективна јасна и фер анализа на актуелната состојба и што е потребно да се направи. Ова ќе го обезбеди скринингот. Ова го почнуваме денеска. “
Успех во процесот посака и премиерот Ковачевски кој преку социјалните мрежи упати порака дека процесот ќе значи европеизација на општеството.
„Денешниот ден е навистина голем и важен за иднината на сите граѓани во нашата земја, тие заслужуваат да живеат во стабилно, демократско и европско општество“ напиша меѓудругото Ковачевски.
Инаку, целта на објаснувачкиот скининг е тимовите на земјите преговарачи да се информираат за текот и новитетите во европското законодавство, како и со потребата од ажурирање на последните закони, пресуди и одлуки во секое од поглавјата. По завршувањето на скрининг процесот пак, за земјава да ја одржи втората меѓувладина конференција и отворање на поглавјата ќе треба да ги направи потребните уставни измени за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав.