Младиот штипјанец Вили Илјов којшто на 29-ти август беше примен на бесплатно болничко лекување во клиниката „Жан Митрев“ денеска си оди дома.
Тимот доктори-специјалисти од клиниката, заедно со сестрите и физиотерапевтите по две недели интензивно лекување и третмани, постигнаа значајни резултати во подобрување на клиничката слика на 14-годишниот Вили.
Тој во клиниката беше донесен по 40-дневна кома во животнозагрозувачка состојба како последица на тешка сообраќајна несреќа.
Во клиниката Вили се разбуди од комата по само неколку дена и почна да закрепнува.
„Како клиника која што максимално посветено работи за спасување на човечки животи, искрено се радуваме и особено сме горди што денеска младиот Вили си заминува за Штип, со препорака за понатамошно лекување и рехабилитација во соодветна медицинска установа специјализирана за ортопедски повреди, а со цел негово комплетно заздравување и нормален живот кој претстои пред него. Денеска Вили замина дома каде ќе продолжи да се радува на животот, заедно со најблиските“, соопштија од клиниката „Жан Митрев“ чие раководство по апелите на семејството решија да го преземат целосниот третман, лекување и престој младиот штипјанец.
Во соопштението на клиниката се вели дека Вили, откако бил лечен во друга здравствена установа, бил донесен во многу тешка состојба, во кома со инфекции и декубити, со тешки повреди на главата и ногата здобиени по страшната сообраќајна несреќа.