Производители на лубеници од неколку села од подбеласичкиот регион денеска со двочасовна блокада на клучката за селото Смоларе, на магистралниот пат Ново Село-македонскобугарска граница, го искажаа својот револт од ниските откупни цени.
Тие бараат средба со министерот за земјоделество, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, како и повисоки откупни цени. Велат дека има откуп, но цената е многу ниска
Додаваат дека тракторска приколка со 4,5 тони лубеници трговците ја откупуваат за 2 – 3.000 денари, а внатре има околу 450 парчиња лубеници.
– Државата да ни даде отштета, како што беше лани и затоа сме многу благодарни. Лани добивме по два денара за килограм предадени лубеници. Исто така, бараме надлежните да го разгледаат и нашето барање за решавање на проблемите што ги имаме со тие од кои ги земаме нивите под закуп. Дел од вистинските сопственици се починати или не се тука и затоа бараме тоа да реши за да можеме да добиеме субвенции, рече Панче Тилев производител на лубеници од село Колешино.
На откупниот пункт во истоименото село откупот тече нормално, а началникот на Подрачната единица на Министерството заземјоделство, шумарство и водостопанство, Васил Коцев повика да не се манипулира со земјоделците и дека откуп има секојдневно.
– Откупот нормално тече и досега има откупено 800 тони лубеници, а во наредните денови ќе се откупат уште 300 тони со што треба да се реши проблемот со вишок на лубеници, рече Коцев.
Додаде дека во одснос на земјоделците кои не се сопственици на нивите и земаат под наем површини за садење, во собраниска постапка е измената на законот за земјоделство и рурален развој токму за таа област. Со законските измени, посочува, субвениците нема да ги зема сопственикот на нивите, туку тој што на неа одгледува одредена култура.