Таткото на водителот Огњен Амиџиќ, Зоран, беше убиен во 1991 година во Банија, Хрватска додека извршуваше новинарска задача со своите колеги, а денеска се навршуваат 31 година од неговата смрт.
Известувањето од бојното поле во Банија беше нивна професионална задача, а веста која пристигна на 9-ти октомври 1991 година го потресе цел Шабац и јавноста.
Од заседа, 200 куршуми се испукани во автомобилот во кој се наоѓале и загинале Зоран Амиџиќ, Бора Петровиќ снимател, Дејан Милиќевиќ помошник снимател и Сретан Илиќ уредник на Радио Шабац.
Водителот Огњен Амиџиќ се присети на ноќта кога дознал за смртта на својот татко.
-Во еден часот по полноќ полицијата ни тропна на врата. Тие беа задолжени од нивните претпоставени да ни ги соопштат овие лоши вести. Ми кажаа мене. Имав само 16 години и морав да им кажам на мајка ми и на сестра ми дека татко ми е убиен, рече тогаш Огњен и додаде:
-Ми недостига татко ми и знам дека мојот живот ќе беше сосема поинаков да не се случеше трагедијата. Бев тинејџер кога тоа се случи. Многу терет ми падна на грб, се трудев да и помогнам на мајка ми колку што можев. Таа направи максимална жртва за мене и за сестра ми и за тоа ќе бидам вечно благодарен.
Од тој ден поминаа 31 година, а убиството никогаш не беше расветлено. Единствената трага до која дошла полицијата во истрагата е дека неколку дена по убиството, во еден хрватски весник се појавила приказна напишана врз основа на белешките што Амиџиќ ги носел во својата чанта.