Денеска сум овде пред ДКСК да проднесам претставка, практично ќе им дадеме можност на ДКСК да се поправат, и наместо да потклекнат под политички притисок, за аферата Броило, во чија што средина се наоѓа дезертерот Ковачевски, да ги согледаат фактите и да донесат одлука врз основа на закон. Залудни им се сите обиди да го амнестираат премиерот, кога тој потоа излегува на емисија и признава дека во време додека бил заменик министер за финансии, исплаќана е државна помош на фирмата основана од него, а сега водена од неговиот кум, Пиксел груп, изјави денеска за медиумите пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
– Но да почнеме со ред и полека, за да може ДКСК да разбере:
1. Ковачевски и неговиот кум ја основаат Пиксел груп 5 месеци откако СДС формира влада во 2017 година. Од тука почнува аферата Броило и создавањето на соларниот картел кој до сега е влезен во бизниси од над 26 милиони евра.
2. За само една година, Пиксел груп гради фабрика за изработка на фотоволтаични панели.
3. Во истиот период КМГ ЕОЛ Квазар, сопственост на кумот на Ковачевски добива државни тендери во висина од 2 милиони евра, и тоа за поставување на соларни панели, кои ги прави Пиксел груп. Од тука почнуваат сомнежите за злосторничко здружување.
4. Ковачевски станува заменик министер за финансии, а КМГ ЕОЛ Квазар склучува договор со ЕВН од над 2 милиони евра, повторно за монтирање на фотоволтаични панели, која самата не ги изработува, туку ги изработува Пиксел груп основана од Ковачевски. Тргувањето со влијание е впечатливо.
5. Ковачевски станува премиер во јануари 2022 година. 4 месеци подоцна во Бугарија се отвора фирма од бугарски граѓани под името Солар Хорајзон. Во август 2022 бугарската фирма доаѓа во Македонија и заедно со Пиксел груп основана од Ковачевски почнуваат инвестиција во фабрика во ТИРЗ Тетово во вредност од 54 милиони евр, појасни тој.
Пратеникот посочи дека во овој период од 5 години, Пиксел груп на Ковачевски добива државна помош, и во време кога Ковачевски е заменик министер за финансии, факти кои и самиот тој ги признава. Но и во време додека е мандатар за избор на нова влада, кога на Пиксел груп и се префрлени над 200 илјади евра.
– Дали се потребни уште докази? ДКСК да не потклекнува под политички притисок, и да ги согледа фактите. Ја охрабруваме Антикорупциска да делува согласно закон, додаде Лефков.