Почна 88. собраниска седница на која треба да се расправа по предлогот за нов министер за локална самоуправа. На дневен ред на седницата која беше закажана за 11:00 часот, но потоа се одложи за 13:30, се ставени вкупно 29 точки, меѓу кои и законски измени за спроведување на антикризните мерки.
Пред пратениците е предлогот Ристо Пенов да биде новиот министер во ресорот локална самоуправа, функција што досега ја извршуваше Горан Милевски од Либерално-демократската партија (ЛДП). Милевски поднесе оставка минатиот месец од, како што рече тогаш, лични причини, а Собранието ја констатираше вчера без тој да ја образложи.
По изборот на министер за локална самоуправа, според дневниот ред која почна со еден час задоцнување, следува расправата за избор на Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева за уставни судии.