Хорот и оркестарот на ООУ ,,Кузман Јосифовски – Питу“ од Скопје настапи на Интернационалниот фестивал во Ричоне, Римини, Италија, под името ,,Сите бои на уметноста” и го освои првото место.
На фестивалот настапија 18 натпреварувачи од: Литванија, Шри Ланка, Иран, Хрватска, Израел, Ерменија и Бугарија, во различни категории.
Македонскиот хор и оркестар под менторство на професорката по музичко во ООУ ,,Кузман Јосифовски – Питу, Вера Ангеловска, се покажа во право светло и ги освои симпатиите и гласовите на жирито.
Со 31 глас од хористите и 9 те членови на оркестарот, настапот на македонската музичка експедиција ги изнуди аплаузите и овациите од преполната сала во ,,PALAZZO DEL TURISMO” во Ричоне, Римини Италија.
Македонскиот училишен хор и оркестар, за разлика од натпреварувачите на другите учесници, го немаше епитетот професионалци, но сепак покажа дека има квалитет еднаков и подобар од професионалните музичари, што беше пресудно за победа и успех.
Пехарот за 1 -то место ќе остане во трајна сопственост на училиштето, како и оригиналната статуетка од Интернационалниот фестивал, и златните медали на градите на учениците ќе останат да сведочат за овој огромен успех на хорот и оркестарот на ООУ ,,К.Ј. Питу”, како прв и единствен претставник од Македонија на еден ваков Светски музички настан.
Покрај хорот и оркестарот, на Фестивалот во категорија ,,вокални солисти”, македонски преставници беа Лана Алексовска (која го освои 2. место) и Ева Балканова (која беше третопласирана). Овие две ученички, се воедно дел и од победничкиот хор.
Од училиштето изразуваат благодарност и до наставник Наташа Петровска Дургутов која е со нив на овој настан, и до сите чинители кои овозможија учениците на ООУ Кузман Јосифовски Питу Скопје да покажат и докажат дека се најдобри.