петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Пратениците расправаа за измените на Законот за здравствена заштита, 79-та седница продолжува утре

Пратениците расправаа за измените на Законот за здравствена заштита, 79-та седница продолжува утре

Пратениците во рамки на 79-та седница денеска расправаа за Предлог законот за дополнување на Законот за здравствена заштита, по скратена постапка. Гласањето по оваа точка ќе биде закажано дополнително.

Пратеничката Јадранка Поцкова од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека со ова предлог законско решение се обезбедува здравствените домови во Скопје, Струмица, Велес, Штип, Битола, Гостивар, Охрид и Куманово, покрај дејностите на здравствен дом да врши и дејност за функционална проценка на деца и млади со засегната здравствена состојба до 26 години. Таа посочи дека, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предложила амандман и Делчево да влезе во градовите во кои ќе се врши функционална проценка, што било прифатено.

– Примената на меѓународната класификација за функционалност ќе обезбеди унифициран и стандардизиран приод за опис на здравјето и состојбите поврзани со здравјето. Тоа овозможува непречена комуникација во различни дисциплини и науки во целиот свет. Правилникот требаше да биде донесен до крајот на март 2022 година, се касни, меѓутоа ова предлог законско решение е позитивно и ние ќе го поддржиме, изјави Поцкова.

Пратеничката Бети Рабаџиевска Наумовска од СДСМ, изрази задоволство што пратениците од опозицијата ќе го поддржат ова предлог законско решение, предложено од пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

– Ова е добра позитивна пракса, кога се работи во интерес на граѓаните да бидеме и едните и другите на нивна страна. Измената на овој Закон е со цел да се обезбеди спроведување на новиот модел на меѓународна класификација на функционирањето, а со тоа примена на функционална проценка на деца и млади со засегната здравствена состојба за потребата за вклучување во предучилишни установи во образовниот систем, како и остварување на правата од детска, социјална и здравствена заштита и вработување, како и поддршка на семејствата, изјави Рабаџиевска Наумовска.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, тука ја прекина 79-та седница и најави дека продолжува со работа утре во 12 часот.

На дневен ред на оваа седница се повеќе предлог законски решенија, меѓу кои предлог законот за финансиска инспекција во јавниот сектор и предлог законот за техничките барања за производите и оцена на сообразност, како и предлог-завршната сметка на Буџетот за 2021 година.

Најнови вести