петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата ќе предложи Закон со кој ќе се одложи примената на прогресивниот данок на личен доход за уште една година

Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата ќе предложи Закон со кој ќе се одложи примената на прогресивниот данок на личен доход за уште една година

Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ ќе предложи Закон со кој ќе се одложи примената на прогресивниот данок на личен доход за уште една година, ова преку изјава за медиумите го истакна пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бети Стаменковска.

-Имено, прогресивното оданочување го најави и воведе министерот Тевдовски кој ќе остане запаметен по честите компарации на Македонија со Данска и како човек кој направи грешки во даночната политика поради кои беше разрешен. Пред 3 години токму во месец ноември до Собранието беше доставен Предлог-закон од Нина Ангеловска, тогашната нова министерка за финансии, која ја призна грешката на својот претходник и за тоа претстави анализи на јавноста кои ја покажуваат штетата од воведената даночна реформа. Периодот на мирување на прогресивното оданочување кој го бараше Владата на ДУИ и СДСМ беше три години, а во тој период ветија дека ќе изработат и нов модел кој ќе ги исправи грешките од реформата од 2018 година т.е. ќе обезбеди ефективно и ефикасно оданочување, а паралелно ќе работат на зголемување на даночниот морал кај граѓаните, зајакнување на довербата во институциите, зајакнување на механизмите за елиминирање на сивата економија и да се намали даночната евазија. Ништо од ветувањата не е реализирано, а да биде уште пофрапантно, министерот за финансии Фатмир Бесими иако презентираше Буџет за 2023 година, се’уште не знае каква даночна реформа не очекува за помалку од 2 месеци од денес, вели Стаменкоска.

Таа додава дека ВМРО – ДПМНЕ е против воведување на прогресивно оданочување и смета дека треба да се задржи моменталниот концепт на рамен данок, а идната Влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ истиот ќе го намали до ниво од 8%. Сметаме дека е неопходно одложување за уште една година на прогресивното оданочување поради неподготвеност на институциите, но пред се поради тоа што граѓаните треба преку парламентарни избори да одлучат дали се за повисоки давачки и зголемено прикривање даноци т.е. даночна евазија или се за постепено намалување на давачки и рационализација на јавните трошења.

„Со нашиот Предлог-закон нема да се зголеми за 50% данокот по основ на личен доход од кирии, капитални добивки, права на индустриска сопственост, ниту пак ќе се применува прогресивна стапка за 80% поголема од основната за доходот по основ на работа, самостојна дејност, авторски и сродни права и продажба на сопствени земјоделски производи. Една од најголемите придобивки од овој Предлог-закон е превенирање од иселување на вработените во ИТ секторот кои во најголема мера се млади луѓе. Владата на ДУИ и СДСМ мора да се откаже од идејата да ги казнува најпродуктивните во државата, а доколку сака да има повеќе пари во буџетот треба да работи на намалување на сивата економија, но и да го сузбие организираниот криминал и корупција кој извира од Илинденска број 2“, истакна Стаменкоска.

Најнови вести