Црвениот крст на Град Скопје од денеска до 20 ноември ја одбележува Неделата на грижа за стари лица, која ќе се организира преку социјалниот сервис „Дневен центар за стари лица и центар за давање помош во домашни услови“.
Во рамки на Неделата на грижа за стари лица ќе се организираат повеќе активности: предавање во Здружение на пензионери Карпош, информативни точки на локациите Зелен пазар, пазар Буњаковец и ТЦ Бисер (пунктови за мерење притисок, ниво на шеќер во крв и сатурација). Ќе се организира посета на домовите за стари лица „Мајка Тереза“ и „Идила“, прошетка и заедничко дружење во Стара скопска чаршија со корисници од домашни услови, фризерски и козметички услуги во дневените центри за стари лица во ДХО „Даре Џамбаз“ и Сарај во соработка со Средното училиште „Димитар Влахов“, посета на Македонски народен театар, предвање и посета на планетариум, собирна акција на зимница.
Централниот настан ќе се одржи во ТЦ Веро Џамбо на 19 ноември 2022 година од 10:00 до 14:00 преку организација на хуманитарен базар и промоција на актуелните активности во дневните центри како што се практично вежбање на Чиконг вежби, штандови за креативна и сликарска работилница.
Овој сервис е поддржан од страна на Град Скопје, Албиз Фондацијата и Швајцарски Црвен крст.
-Целта на програмата е развој на вонинституционални форми на грижа за стари лица и промовирање на активното стареење. Преку програмата на активности се вклучени 180 стари лица во домашни услови и повеќе од 1500 лица на месечна основа во дневни центри за стари лица, соопшти Црвениот крст на Град Скопје.