„Мора да има разумно трошење во државата не на штета на квалитетот, меѓутоа отстранување на се ова што е закачено како паразит на јавната администрација и на државата генерално. А, такви примери за жал има безброј. Слушаме дека треба 24.000 евра месечно за подобар студентски стандард, а има советници за кои не знаеме какви примања имаат“, истакна Сашо Клековски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во „Тема на денот“ на централниот дневник на Сител телевизија.
Клековски додаде дека во ситуација на рекорден буџет, на 5.4 милијарди евра не може да се крати од студентите. Имено, кога ВМРО-ДПМНЕ излезе од Владата беше 3.6 милијарди евра буџет. А, една милијарда и 800 милиони евра повеќе ќе се троши следната година.
„Јавна тајна е дека на државна служба имаме закачено бројни партиски службеници, не е само прашањето на високите плати во М-НАВ. Се сеќавате на вработените во министерството за политички систем, кои не одат на работа? Тие се се уште 1.400 на број и се уште не одат на работа. Зградата на министерството нема толку работни места. Имаше и случаи на договори на дело што беа објавувани каде што никако не можам да ја поврзам експертизата на луѓето ангажирани со министерството. Значи зборуваме за нагрбување на државата со еден куп луѓе што не се неопходни “, појасни тој.
Клековски нагласи дека власта вработува свои партиски војници на сметка на граѓаните и ги наградува со енормни плати.