Голема акција за пошумување во организација на Општина Кисела Вода ќе се одржи овој петок. На повеќе локации низ општината, со почеток од 10 часот, под мотото “Засади со љубов, за Кисела Вода”, ќе се засадат дрвца кои ќе го раззеленат и облагородат просторот и ќе бидат значаен чекор во обновување на екосистемот, намалување на загадувањето и спречувањето на поплави и ерозии. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и голем број јавни личности, естрадни уметници, водители, актери, спортисти денес преку промотивен спот ги повикаа граѓаните масовно да се приклучат во оваа акција, да засадат дрвце и да дадат свој удел во креирањето на новиот раззеленет лик на Кисела Вода.
Локациите на кои ќе се сади се : новиот парк “Иднина” кај кружниот тек, на трим патеката, на Теферич, кај новата градинка во Усје, во паркот на Есенинова, во парк Македонија.
Паралелно дрвца ќе садат и дечињата од градинките и учениците во своите образовни објекти.
Акцијата која Општина Кисела Вода има намера да ја направи традиционална, ќе се одржи во петок, 25 ноември, со почеток во 10 часот.
Бидете дел и вие. Приклучете се на “Засади со љубов, за Кисела Вода”!