петок, 15. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Бомби во институции, тероризам или неспособност

Бомби во институции, тероризам или неспособност

Нов ден, нови дојави за бомби во училиштата и како да не се гледа крајот. Веќе втор месец училишта низ земјава, но и други институции, дури и приватни станбени објекти се соочени со закани за поставени бомби, кои за среќа досега испаднаа дека се лажни. Сепак, проблемот е што на тие дојави не им се гледа крајот, а македонските граѓани секој ден го живеат во страв.

Основни и средни училишта во Скопје и останати градови низ Македонија, Народна банка, МНР, но и трговски објекти и згради каде има десетици илјади граѓани се мета на овие закани.

Од тоа што е познато за јавноста, МВР засега е до никаде. Иако постојано од министерот Оливер Спасовски слушаме како МВР било во трагата и имало одредени информации, заканите продолжуваат. Продолжува и стравот, а МВР засега не се покажа способно да се справи со ситуацијата.

Последните информации говорат дека МВР се уште ги вештачи дојавите за бомби од ноември, а веќе сме средина на декември. Тоа ни покажува за неажурноста на МВР и нивната недоволна способност да се справи со заканите и да ги заштити граѓаните.

Досега имаа едно приведување, кое беше спектакуларно соопштено, но не само што испадна приведеното лице некој го мести, туку испадна и тежок срам за МВР. Потоа имаше уште едно за малолетник, но како што тогаш соопштија МВР, тоа било само за дел од заканите. Оттогаш тие се засилија и проширија на скоро целата територија на државата и други институции.

И за да ја покрие МВР својата неспособност во заштита на граѓаните и нивната безбедност, односно она што им е примарна задача, веќе почнаа да се пуштаат изјави дека станувало збор за тероризам, за хибриден напад, а јавни лица блиски до власта соопштуваат имиња на конкретни држави и сето тоа непоткрепено со докази.

Како и да е, овие изјави нема да ги заштитат граѓаните. Ќе ги заштити темелна истрага по која ќе се открие од каде и кој ги испраќа овие закани за бомби кои шират страв помеѓу граѓаните, но и кога тие лица ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

Но, засега се уште МВР е далеку од тоа, а заканите за бомби не запираат и досега ги има над стотина, што е премногу. МВР покажува неподготвеност и неспособност за вакви сериозни работи, а во меѓувреме стравот продолжува, а продолжуваат и загубите и кај учениците, но и економските загуби кај бизнисите.

Најнови вести