понеделник, 11. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Со проекција на „Земниот живот на Исус Христос“ почнува 7. фестивал „Богородичен Покров“

Со проекција на „Земниот живот на Исус Христос“ почнува 7. фестивал „Богородичен Покров“

Со онлајн проекција на документарниот филм „Земниот живот на Исус Христос“, вечер почнува седмото издание на Меѓународниот филмски фестивал за културни, духовни и хумани вредности „Богородичен Покров“.

Во филмот се покажуваат места поврзани со животот на Господ Исус Христос, од неговото раѓање до неговата смрт на крстот и воскресението. Чекор по чекор се прикажува животниот пат на Господа. Филмот само во Русија го виделе над 2,5 милиони гледачи.

Автор е Александар Казакевич, режисер Константин Голенчик, продуцент е Дмитриј Менделеев, студио „Неофит“ од Русија.

Инаку, фестивалот годинава ќе се одржува до 25 декември со проекција на филмови во хибридна форма. Во програмата на фестивалот се прикажуваат документарни и играни филмови посветени на културното,  духовно наследство и хуманоста, како и историски и биографски филмови. 

Фестивалот е основан 2016-та година и досега поддржан од 12 амбасади во државата, бројни компании, а медиумски и од МИА. медиумски куќи. 

Почесен претседател на фестивалот е проф. д-р Јован Таковски, протојереј–ставрофор, одликуван со златен медал „Св. Климент Охридски” на државно ниво.   

Програмскиот совет на фестивалот го сочинуваат Антонио Митриќески, професор на ФДУ и режисер, добитник на бројни интернационални награди, Ѓоко Ѓоргевски, декан на Богословски факултет „Свети Климент Охридски во Скопје и поранешен амбасадор во Ватикан,  Владимир Ангелов, виш филмолог и директор на Кинотека на Северна Македонија и Зорица Костовска, основач и директор на фестивалот.

-Фестивалот нема комерцијален карактер, сите филмски проекции и програми се бесплатни. Нашата мисија и цел е да ги шириме духовните вредности меѓу луѓето и да ги едуцираме младите генерации во  насока на добрина, морал, етика, пожртвуваност, љубов и духовност,  вели Костовска.

Организацијата е на „Топ Ворлд ТВ продукција“ од Скопје, која е основана во 1994 година, чија определба е да негува општествено полезни, духовни, етички  и хумани проекти. 

Најнови вести