четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Лефков: Судството и обвинителството се урнисани, таму кај што застана Заев, продолжи Ковачевски

Лефков: Судството и обвинителството се урнисани, таму кај што застана Заев, продолжи Ковачевски

Судството и обвинителството во Македонија се урнисани, или со речникот на Зоран Заев тие се отворени како пупка. Последните примери со судските и обвинителските состојби покажуваат дека таму кај што застана Заев, продолжува и Ковачевски. Клиентелизмот и корупцијата во правосудството ескалираат и затоа недовербата во овие институции е 92%. Наместо борба со криминалот, гледаме борба која институција ќе го заштити и ќе биде патрон на криминалот, изјави на денешната прес-конференција Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Рече дека поразителни се податоците дека се реализирани само 20% од годишната стратегија за борба против корупцијата. Ова покажува дека власта на Ковачевски нема волја да се справува со овој проблем.

В-о Македонија највисоките функционери во правосудството се бираат од партиските албуми. Таков е случајот и со Обвинителството за гонење на организиран криминал, таков е случајот и со Судскиот Совет. Токму оваа последната институција која треба да избира, оценува и разрешува судии ја води кадар кој од приправник во суд, без ден стаж како судија, само поради фотографии со Заев се дограби до висока позиција.

Ете затоа во Македонија нема право и правда. Ете затоа во Македонија има скандалозни судски одлуки. Ете затоа странски тимови доаѓаат да се борат со криминалот и корупцијата.

За сето ова одговорноста е кај СДС и ДУИ кои градеа кариери и дојдоа на власт со паролата „Нема правда, нема мир“, а всушност работеа на партизација и девастација на судството.

Целта е јасна, го заробија правосудството за да може непречено да тече криминалот на функционерите на власта.

Ова е канцерот кој метастазираше. Ова може и мора да се реши што поскоро. За тоа се потребни избори и слободни правосудни органи кои ќе го гонат криминалот на владините функционери, но и на корумпираните во своите редови, нагласи Лефков.

Најнови вести