четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Бислимоски: Плафонирањето на цената на гасот е добар сигнал

Бислимоски: Плафонирањето на цената на гасот е добар сигнал

Договорот до кој во понеделникот дојдоа министрите за енергетика на земјите членки на ЕУ за воведување плафон на цената на природниот гас, според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски е позитивен за нашите домашни околности.

Тој во изјава за МИА вели дека до долгоочекуваниот договор дојде по неколку месеци преговори, а за Бислимоски одлуката е добар сигнал.

Според решението, механизмот за ограничување на цената на гасот ќе се активира кога цената ќе достигне 180 евра за мегават час и 35 евра повеќе од референтната цена на течниот гас за период од три последователни дена.

-Се надевам дека ќе влијае, имајќи предвид дека и во државата веќе цената за природниот гас ни зависи од цената на ТТФ берзата во  Холандија, во најголем дел, 70-ина проценти, а 30 проценти е од нафтениот индекс. Значи, очекуваме дека со поставувањето на овој „price cap“ кој што ќе видиме како функционира и како ќе се имплементира, дека ќе има позитивно влијание кај нас од аспект на намалување на цената на природниот гас – вели Бислимоски.

Бислимоски зеде учество на состанокот на 53-от Борд на регулатори на Енергетската заедница што се одржа во Атина, на кој се водела дискусија и за конкретната одлука.

-Од она што го слушнавме од нашиот колега од АЦЕР е дека тоа е еден посложен механизам и на нив им треба анализа за да видат конкретно како тоа би влијаело на крајната цена која што ја плаќаат потрошувачите, но сметам дека е добар сигнал, имајќи предвид дека и минатата недела и оваа недела цената на природниот гас на ТТФ берзата е намалена за околу 15-20 проценти, па да видиме дали тој тренд ќе продолжи и во јануари со цел да имаме малку од малку порелаксирана ситуација, додаде тој.

Најнови вести