Она што е важно е што го реализиравме за првата година во најголем дел. И она кое што е уште поважно е што направивме 30 до 40 проекти дополнително од она што го ветивме во првата година, вели Дарко Костовски, градоначалник на општина Бутел во гостување во емисијата Студио 10 на ТВ 24.
Костовски посочи дека се инвестирало и во спортот, изградени се десетина квалитетни спортски терени, а се доделени и директни стипендии за спортистите.
По глава на жител ние сме општина со најмногу олимпијци, главно се тоа боречките вештини, но инвестираме општо и во спортските клубови и во спортската инфраструктура. Изградени се десетина квалитетни спортски терени, директно помагаме и на спортските клубови и како новост доделивме директни стипендии за спортистите, кажа тој.
Општината Бутел одлучи годинава да не украсува за Нова година поради финансиски причини бидејќи се соочува со огромни сметки за струја, објаснува градоначалникот. Сепак, нема да им биде ускратена забава на граѓаните со претстави за деца и делење пакетчиња во четврток во 11 часот, рече тој.
Костовски додаде дека и покрај тоа што општината е една од најсиромашните буџети во Град Скопје сепак работи и реализира проекти за граѓаните.
Бутел е голема општина, но е една од најсиромашните во Скопје оти има мал буџет. Сепак, фаќаме чекор со другите, вели Костовски. Тој вели дека во однос на проектите направени годинава граѓаните на Бутел можат да бидат задоволни и додава дека трошењето на буџетот се прави во консултација и со граѓаните, истакна Костовски.
Во однос на енергетската криза во многу доцните часови се прават рестрикции на уличното осветлување во најкритичните периоди. Општина Бутел инвестираше во инфраструктурни проекти и има намера да продолжи. За следната година се планира и изградба на поликлиника иако засега има пречки од Министерството за здравство иако општината е подготвена да земе кредит и сама да ја изгради, изјави тој.