понеделник, 11. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Македонија и второто бугарскo царство- пишува Ксенофон Угриновски

Македонија и второто бугарскo царство- пишува Ксенофон Угриновски

Во февруари 1018 година византискиот цар Василиј II свечено влегол во Охрид. На портата од Самоиловата претстолнина тој примил изјава за покорност од царицата Марија, вдовицата на Владислав и од другите преживеани членови на царската куќа. Македонското царство на Самоил со кое тој војувал повеќе од три децении најпосле било срушено.

Со покорувањето на Самоиловото царство Византија одново завладеала со Балканскиот Полуостров, прв пат по словенското преселување. Станувајќи составен дел на византиското царство, територијата на поранешното Самоилово царство била поделена на теми. Нејзиниот централен дел ја образувал големата тематска единица која е наречена тема Бугарија. Темите претставувале административно воени окрузи на византиската власт. Средиштето на оваа тема било во Скопје. Скопје околу 200 години се развивало под закрила на православието, римското право и хеленската просветеност. Го разрушил српскиот деспот Немања кон крајот на XII век. Темата Бугарија нема никаква врска со бугарската држава.

На територијата на поранешната бугарска држава меѓу бугарските планини и Дунав е воспоставена Византиската тема Паристрион. Колку што бил суров и немилосрден начинот на војувањето на Василиј II толку била умерена неговата политика спрема покорените земји. Водејќи сметка за обичаите и приликите во освоените области тој не барал од жителите на тие области да плаќаат данок во пари туку своите давачки да ги плаќаат во натура.

Охридската патријархија била претворена во архиепископија но новата архиепископија добила афтокефалност и нејзе и биле потчинети сите епископии од територијата на поранешното Самоилово царство. Охридската архиепископија не била зависна од цариградската патријаршија но затоа му била потчинета на самиот цар, бидејќи царот го задржал за себе правото на поставување на охридски архиепископ. Со ова вешто решение Василиј II успеал да ја задржи контролата над црковниот живот на Јужните Словени. Во текот на двевековното византиско владеење словенскиот елемент во Бугарија и Македонија осетно ослабел и тоа не само поради елинизацијата на овие земји туку и поради јакнењето на другите народности на сметка на Словените. Во солунската област се населиле многу Евреи и Ерменци, а во дунавското подрачје престојвале Куманите и Печенезите. Многубројните власи се ширеле во дунавските покраини во Македонија и Тесалија која што била наречена голема Влашка.
Кон крајот на 1185 година во Бугарија избувнало големо востание под водство на браќата Петар и Асен. Влијанието на централната византиска власт во Бугарското подрачје опаднала. Озлобените водачи на Бугарија кренале во напатената и од порези преоптоварена земја, востание кое на крајот довело до целосно одвојување на бугарските области од Византија и до создавање на второто бугарско царство.

Царот Исак влегол на чело на својата војска во Бугарија. Востаниците биле разбркани а Петар и Асен пребегале преку Дунав. Меѓутоа тие наскоро се вратиле со силни кумански одреди и борбата одново се разгорела. На крајот Византија ја загубила областа меѓу Дунав и Балканските планини каде што одново настана независната Бугарска држава. Престолнината на второто бугарско царство било во Трново каде е создадена бугарската архиепископија. Тука Асен ја примил царската круна. Периодот на византиската превласт на Балканот бил завршен.
Во создавањето на бугарската држава покрај Бугарите учествувале власите и куманите. Според едни историчари браќата Петар и Асен биле од бугарско-влашко потекло а според други тие потекнувале од бугарско-куманско семејство.

Распаѓањето на византиското царство продолжило. Во Македонија војводата Добромир Хрст уште од порано господарел со струмичката област а потоа го проширил своето подрачје се до Вардар. Византија се обидела со него да се спогоди дури му ја дала и царевата ќерка за жена но наскоро морала и против него да крене оружје. Македонскиот војвода ги освоил Прилеп и Битола а потоа продрел низ цела Грција. Меѓутоа долгите и променливи борби со Добромир Хрст завршиле со тоа што неговите територии му припаднале на Калојан и на тој начин Македонија дошол под власта на Бугарија. Меѓутоа бугарскиот цар Калојан владеел сам 10 години (1197-1207). Во 1204 година по заземањето на Цариград било воспоставено латинското царство. Грчкото благородништво се дигнало на востание против власта на латините и го повикало во своја земја царот Калојан да им помогне. Калојан упаднал во Тракија и се судрил со латините во близина на Едрене. Тука на 14 април 1205 година куманско бугарските групи на Калојан ја сотреле војската на латинските рицери и многу истакнати витези изгинале. Во 1207 година Калојан го нападнал Солун. При опсадата погинал. Од страотните бугарски напади во Тракија и Македонија грчкото население многу страдало. Византијците го задржале во тежок спомен ромеоубиецот како што Kалојан се нарекувал.

Второто бугарско царство го доживеало својот врв кога на престолот во Трново се искачил Асен II син на Асен I. Владеел од 1218 до 1241 година. Како и Симеон пред него така и Асен II се занесувал со мислите да создаде големо византиско-бугарско царство со седиште во Цариград. Кон остварување на оваа цел му се испречил солунскиот цар Теодор Ангел кој имал иста цел како и Асен II, цариградската круна. Во пролетта 1230 година кај Клокотница, на Марица Бугарите ја сотреле војската на солунскиот цар. Самиот Теодор бил заробен а потоа и ослепен. Во прочуениот натпис на црквата “Четириесет Маченици” во Трново Асен II гордо истакнува дека ги освоил сите земји од Едрене до Драч. Но во 1241 година Асен II умрел. Со силни кумански и латински војски освоил голема визанстиска област. Тука ја примил страшната вест дека во Трново избила чума при што животот го загубиле неговата жена, синот и трновскиот патријарх. Со продирањето на Монголите почнало oпаѓањето на бугарското царство, а во втората половина на 14 век заедно со другите држави на Балканот било збришано од турското цунами. Со големите освојување на Симеон и Асен II бугарската власт во Македонија траела многу кратко. Оттука населението кое тука живеело не можело да ја прифати како своја, следствено немале заедничка историја со Бугарија. По завршувањето на балканските војни и на Првата светска војна македонското население во Северна Грција не ја прифатило ниту грчката власт затоа што било брутално асимилирано од истата.

ПИШУВА: Ксенофон Угриновски – Социолог

Најнови вести