Следниот месец ќе се спроведе национална кампања „Запознајте ги ретките болести“, во организација на Здружението „Ретко е да си редок“. Според најавеното, во текот на 28 дена во февруари, граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со 28 ретки болести. Но, исто така и за методите на дијагностицирање, лекување и предизвици со што се соочуваат лицата, кои боледуваат од ретки болести.
-Февруари традиционално е месец кога учиме за ретките болести. Веќе петта година по ред, месец февруари повторно станува редок, како болест што може да ја има оној кој седи до вас во автобус, ресторан или парк. Ништо не се знае за нивната „невидлива“ попреченост и малку се зборува во текот на годината. Затоа, националната кампања „Запознајте ги ретките болести“ во организација на Здружението „Ретко е да си редок“, ја менува реалноста, се порачува во пресрет на кампањата.
-Во текот на годината многу малку се зборува за ретките болести и тоа е тема која не е доволно застапена во општеството, поради што решивме да го поддржиме и да бидеме дел од овој голем проект, за кој слободно можеме да кажеме дека станува препознатлив во нашето општество со долгогодишна традиција, вели во пишана изјава истакна Љубица Толовска од компанијата „Моцарт“, која го поддржува проектот.
Првиот ден на ретки болести беше прославен во 2008 година на 29 февруари, редок датум што се случува само еднаш на секои четири години. Оттогаш, Денот на ретките болести се одржува секоја година на последниот ден од месец февруари, месец познат по својот редок број на денови, се истакнува во соопштението. (МИА)