Електронската наплата на сметките за вода од скопскиот регион сега е во рацете на фирма која е основана само 4 дена по назначувањето на сега веќе разрешениот в.д. директор Марјанчо Митовски. Тој го потпишал договорот за јавната набавка, а по разрешувањето останува како втор човек во Водовод.
Нова фирма чија основна дејност се интернет портали, ама нема своја веб страница, го доби тендерот за системот за електронска наплата за сметки во скопскиот Водовод. Иако е стара само два месеци, таа победи во трката со компании кои со години работат на софтверски решенија за државни институции.
Тендерот од 18 илјади евра, за одржувањето на системот за електронска наплата на сметки на „Водовод и Канализација“- Скопје, го доби фирмата „Кликмедиа 101“ . Таа е основана четири дена по назначувањето за в.д. директор на јавното претпријатие Марјанчо Митовски. Електронскиот систем за наплата на сметките за вода го користат над 50 илјади корисници на услугите на скопскиот „Водовод“.
Митовски на директорското столче седна на 12 септември кога од него стана Златко Перински по јавната кавга со скопската градоначалничка Данела Арсовска поради, според неа, спорниот тендер за „пречистителна станица“.
Според податоците од Централен регистар фирмата „Кликмедиа 101“ е основана четири дена по назначувањето на Митовски за в.д, директор на 16 септември минатата година, кој го потпишал договорот за јавната набавка. Митовски по разрешувањето од в.д. директор е назначен за технички директор, што според органомот на Водовод и Канализација значи дека е вториот човек во јавното претпријатие.
Овој тендер е прв и единствен регистриран на „Кликмедиа 101“ во Бирото за јавни набавки. Сопственик на оваа компанија е Драган Стефанов за кој во јавноста не се достапни повеќе информации.
На прашањето како успеала фирма без искуство и веб страница да добие јавна набавка за одржување на електронски систем за наплата, до објавувањето на овој текст одговори не добивме ниту од новиот в.д. директор на „Водовод и канализација“ Скопје Драган Илиевски, ниту пак од сопственикот на фирмата.
Според прирачникот за јавни набавки, една компанија за да може да учествува во системот и да добие тендер, потребно е да го прикаже своето претходно релевантно искуство во областа, а доколку нема такво тогаш како новоформирана фирма може да им се приклучи на поголеми и искусни фирми и да биде дел од група понудувачи, што во овој случај не е направено.
Целиот текст прочитајте го ТУКА