сабота, 11. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Средба на раководството на ЗЕЛС со делегација од Црна Гора

Средба на раководството на ЗЕЛС со делегација од Црна Гора

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски и потпретседателот Перо Костадинов денеска имаа средба со шестчлена делегација од Одборот за политички систем, правосудство и управа при Собранието на Република Црна Гора, предводена од претседателот на Одборот, Момо Копривица.

Како што е наведено во соопштението од ЗЕЛС, претставниците од црногорската делегација биле информирани за искуствата на единиците на локалната самоуправа од нашата земја, за законската регулатива и нејзината имплементација на локално ниво, како и за степенот на развој на процесот на децентрализација на власта, од причина што во овој момент во Република Црна Гора се започнати процедури на законски измени поврзани со локалната власт.

-Гостите особено беа заинтересирани да добијат попрецизни сознанија за начинот на финансирање на општините, собирањето на данок на имот, развивањето на нови услуги за граѓаните, територијалната организација, начинот на организирање на локалните избори, но и за нивото на соработката меѓу локалната и централната власт. Тие посочија на традиционалната поврзаност на двете држави, на сличниот менталитет и предизвиците со кои се соочуваат, што им дава посебна важност на искуствата што ќе ги слушнат од оваа средба. При тоа, беше посочено дека десет општини од Црна Гора се збратимени со општини од нашата земја и дека таа соработка треба да продолжи и да се надградува, информираат од ЗЕЛС.

Претседателот на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски нагласил дека процесот на децентрализација мора забрзано да продолжи да се развива во секоја земја и да се интензивира лобирањето за обезбедувањето на поголема финансиска стабилност на единиците на локалната самоуправа.

– Во суштина сметам дека имаме слични предизвици и дека централната власт секогаш е скептична кога станува збор за обезбедување на соодветни средства за финансирање на префрлените надлежности на локално ниво, но ние треба секогаш да се залагаме да добиеме повеќе надлежности и да лобираме да добиеме и што повеќе или барем соодветни средства за нивно спроведување, како што тоа впрочем е утврдено и во Европската повелба за локална самоуправа. Главната причина е што општините се основните клетки на развој и демократизирање на едно општество, посочил Ѓорѓиевски.

Притоа, тој ја нагласил улогата на ЗЕЛС во целиот тој процес, како значајна алатка на сите единици на локалната власт, преку која се градат консензуални ставови за лобирање пред централната власт, без партиски интереси, а во интерес на општините и на граѓаните.

И потпретседателот на ЗЕЛС, Перо Костадинов, ја потврдил взаемната соработка на сите членки во рамките на ЗЕЛС, посочувајќи дека локалната и централната власт секогаш ќе бидат во една „вечна борба“ но дека тоа не треба никого да поколеба, напротив општините треба да се залагаат за преземање на што поголем број на ингеренции и услуги во интерес на граѓаните.

Присутните биле информирани и за поконкретни начини на дејствување на ЗЕЛС и на активностите што ги реализира, каде освен лобирањето, посебно место заземаат активностите за јакнењето на капацитетите на единиците на локалната самоуправа и електронските услуги, но станало збор и за начинот на соработка со Владата и со Собранието на Република Северна Македонија.

Како што е информираат од ЗЕЛС, на средбата биле изнесени заложбите за континуиран притисок за законски измени во насока на обезбедување на повеќе средства за општините и постигнување на поголема финансиска стабилност, но и за реорганизација кон утврдување на задолжителни и факултативни надлежности на општините.

Најнови вести