Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ денеска го одбележа Светскиот ден на бубрегот под мотото „Здрави бубрези за сите: Подготовка за неочекувани ситуации, поддршка на ранливите лица”. Притоа беше соопштено дека бубрежните болести се незаразни, а 850 милиони луѓе ширум светот имаат некоја форма на ваква болест. Беше нагласено дека целта на кампањата на Светскиот ден на бубрегот и активностите што се реализираат во месец март, е да се истакне дека превенцијата е клучна за намалување на човечките и економски трошоци од хроничната бубрежна болест.
Од Здружението информираа дека овој месец, со помош на здравствените установи и центрите за дијализа, низ целата држава се спроведуваат акции за подигнување на свеста за грижата за бубрежното здравје и преку едукација и организирани мерења на шеќерот во крвта и крвниот притисок и делење медицински совети, бесплатно ќе им се овозможи на голем број граѓани навремено да ги откријат, но и да превенираат и спречат бубрежни болести. Беше спомената и едукацијата во училиштата.
Од „Нефрон“ потсетија дека постојат 20 години и имаат 1.500 членови пациенти на дијализа и 240 со трансплантиран бубрег.
-Терминалниот стадиум на хроничната бубрежна болест е тешка состојба, бара континуирано лекување и нега. Оваа состојба одредува посебен начин на живот, со многу одрекувања, со постојани третмани кои траат 4-5 часа секој втор ден во центар за дијализа. Сепак, дијализата го продолжува животот, а трансплантацијата наполно го променува, рече меѓу другото, Душко Ѓоргиев, претседател на Здружението.
Од „Нефрон” рекоа дека светскиот ден на бубрегот, во државава се одбележува по 18 пат.
Педесет и едногодишниот пациент Киро Христовски, кому по осум години одење на дијализа пред година и половина му е трансплантиран бубрег, рече дека со трансплантација заболените се враќаат скоро на нормален живот.
-Органодарителството значи многу. Хуман гест и спасување на човечки животи, нагласи тој во изјава за медиумите, притоа истакнувајќи ја големата улога на ваквите здруженија како ,,Нефрон”.
Павлинка Балиска, психолог и координатор во Здружението, информираше дека шеесет и едно лице, одат повеќе од 20 години на дијализа или од 20 до 43 години во континуитет на дијализа. Најмладиот пациент којшто оди на дијализа има три години, а најстариот околу 90 години.
Вулнет Мемеди од Клиниката за нефрологија, го поздрави денешниот настан за подигање на свеста за постоење на бубрежни заболувања.
-Иако клиниката за нефрологија е во секојдневен директен контакт со пациентите на коишто им е неопходен нефролошки третман, сепак пораката што денеска ја испраќаме е дека се задолжителни и понатамошни активности за уште подобра здравствена услуга на пациентите со бубрежна болест. Како што се, соработка помеѓу лекарите, пациентите но и надлежните институции, што може да придонесе промени во здравствениот систем, нагласи Мемеди. (МИА)