понеделник, 11. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Фарса истрагата и пресудата против градоначалникот Стојчев

Фарса истрагата и пресудата против градоначалникот Стојчев

Случајот со градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев кој беше фатен во шверц на цигари вредни 40.000 евра и кој експресно беше осуден, е обична фарса која треба да и ги замачка очите на јавноста од вистинските криминали кои се случуваат во земјава под водство на СДСМ и да покаже дека државата нема милост кон прекршителите на законот. Но дали е тоа навистина така?, пишува Нетпрес.

Настрана што како и во случајот со премиерот Зоран Заев, кој беше обвинет во случајот „Поткуп“ па ослободен, основното јавно обвинителство го смени обвинението и против Стојчев, па тој, иако беше обвинет за криумчарење на крајот беше осуден за „обид“ за шверц на цигари, пишува порталот и додава:

Да биде лицемерието поголемо, и него му беше адвокат бранителот на Заев. Како и да е, Стојчев доби 18 месеци затвор, неговиот син и внук добија казна затвор од еден година. Поради здравствени причини сопругата на градоначалникот доби условна казна, а лицето кое требало да го набљудува теренот од полиција, доби осумесечна казна затвор.

Факт е дека Стојчев беше фатен жив со две возила натоварени со цигари, што само по себе подразбира дополнителни информации кои останаа непознати за јавноста. Секоја нормално спроведена истрага, во конкретниов случај за шверцот со цигари, би требало да утврди од каде Стојчев ги набавил цигарите, дали можеби самиот ги произведувал и на крај на кого му ги продавал. Тоа подразбира дека станува збор за организиран криминал, но според ОЈО, од тоа нема ништо.

Според извори во полицијата, градоначалникот од порано бил познат по криумчарењето цигари, а познати се и неговите врски со подземјето во Арачиново и Бугарија, но и по целата источна граница. Значи дека шверцерите комуницирале со соработниците, а тоа лесно може да се провери по анализа на мрежата и вештачење на мобилните телефони на осудените.

Како што дознава Нетпрес, претрес во домот на градоначалникот не бил извршен веднаш како што налагаат правилата на полициска истрага.

Случајот е оставен како изолиран обид за шверц, иако според модус операнди може да се поврзе со еден куп поранешни случаи во кои се шверцувани цигари во Бугарија на идентичен начин, зад кои стоел Стојчев, но не бил директно вмешан туку ја организирал шверцерската мрежа. Зошто нема истрага дали имало и други обиди за шверц кои завршиле успешно? Со признание на вина на градоначалникот не треба да престане да се истражува ваков вид на кривично дело.

Обвинителството и полицијата треба да одговорат каде се произведени цигарите „Калипсо“ кои се без бандероли- Арачиново, Косово или Албанија и како дошле до Ново Село?

И можеби клучното прашање е зошто не се спроведе заедничка истрага пост фестум со Бугарија, која исто така го водела во оперативна обработка Стојчев.

Кого прават будали убедувајќи ја јавноста дека ова му е прв пат? Зошто не се испита потеклото на имот на Стојчев? Зошто ОЈО не побара да му се заплени имот за кој ќе се утврди дека нема платено данок?, додава Нетпрес.

Најнови вести