понеделник, 11. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Шлајхер за МИА: Младите во Македонија најзаинтересирани за вештачка интелигенција, изложбата посетена од над 1.200 ученици

Шлајхер за МИА: Младите во Македонија најзаинтересирани за вештачка интелигенција, изложбата посетена од над 1.200 ученици

Изложбата „Вселена.Човек.Интелигенција“ досега ја посетија над 1.200 ученици од целата држава, а најголем интерес предизвика темата за вештачка интелигенција, поради тоа што е најактуелна кај младите, вели во интервју за МИА заменик-директорот на Гете-институт Скопје, Фалк Шлајхер.

„Вселена.Човек.Интелигенција“ е интерактивна изложба, која Гете-институт во соработка со друштвото Макс Планк ја прикажува ширум светот. Од 3 април се прикажува во Скопје, а ја посетуваат ученици од основните и средните училишта од целата земја.

Покрај организирани посети, изложбата ја посетија и поединци заинтересирани за темите вселена, историја на човештвото, мозок, антропоцен и вештачка нтелигенција.

Како што посочи Шлајхер, изложбата ги претставува сегашните и идните истражувачки проекти од Германија и поставува значајни прашања кои се однесуваат на нас како жители на Земјата и на кои ние се обидуваме да одговориме: Од каде доаѓаме? Каде одиме? Што не прави да бидеме луѓе?

-Изложбата е навистина прекрасна. Обработува пет големи тематски области – Вселена, Историја на човештвото, Мозок, Антропоцен и Вештачка интелигенција. За секоја од наведените теми постои соодветна станица, на која посетителите на забавен начин и со интерактивни елементи може да дознаат повеќе за темите како што се на пример компјутерско преобразување (морфинг) на лице, прикажувања на растојанија во вселената со помош на атмосферска обвивка, инсталации, со коишто може да се доживеат различни емоции преку влијанието на музиката или интеракцијата на роботите, вели Шлајхер за МИА.

До сега, изложбата ја посетиле најмалку 1.200 ученици од целата држава

-Не радува и ни причинува задоволство големата посетеност и интерес од страна на младите. Сите теми се интересни, меѓутоа претпоставувам дека темата за вештачка интелигенција предизвика најголем интерес, поради тоа што е постојано присутна во медиумите, вели заменик-директорот на Гете институтот.

Како што потенцира тој за МИА, целта на изложбата е на сите заинтересирани за Германија и германскиот јазик да им покаже дека истражувањето во Германија ужива висок статус и е важен дел од германската култура.

Инаку, Шлајхер инфомира дека за време на изложбата се нудат и презентации на можности за студирање во Германија од страна на Асоцијацијата на кариерни советници, кариерно советување од Германската служба за академска размена и други настани наменети за млади.

На прашање какви можности имаат младите кај нас за студирање во Германија, Шлајхер објаснува дека студирањето во оваа држава е бесплатно, односно не се плаќа партиципација.

-Партиципацијата за студирање во Германија не се плаќа. Сите оние кои се заинтересирани и кои сакаат да дознаат повеќе детали во врска со студиите, може да дознаат од Германската служба за размена која ни е партнер во изложбата, и тие нудат советување, додава заменик директорот на Гете институтот.

Со оглед на тоа што станува збор за патувачка изложба, како што информира Шлајхер, по Скопје, следната дестинација е Косово.

-Во моментов, во светот има три егземплари на изложбата што патуваат. Еден е кај нас во југоисточна Европа, а потоа продолжува во другите земји. Во регионот, изложбата до сега беше отворена во Бугарија и во Хрватска, а следната дестинација е Косово. Исто така, отворена е и во Америка, каде циркулира во повеќе градови. Се прикажува и во Грузија и во многу други земји во светот, и секаде предизвикува многу голем интерес, додава Шлајхер.

Изложбата официјално беше отворена на 3 април и истата е отворена за посетители до 28 април, од 10:00 до 20:00 часот.

Содржината на изложбата е на германски јазик, а достапен е превод на англиски јазик, а влезот е бесплатен. (МИА)

Најнови вести