Фирмата Де Лукс-Ауто која доби тендер за набавка на 11 моторни возила за Централниот регистар на Република Македонија денеска испрати реакција до медиумите, демантирајќи дека е фирма донатор на политичката партија СДСМ.
Во продолжение во целост ви ја пренесуваме реакцијата:
По бројни шпекулации во јавноста изминатиот период, сакам да објаснам и да ја информирам јавноста за вистината на работењето на мојата фирма, Де Лукс – Ауто.
Имено, фирмата работи и опстојува на пазарот веќе десет години. Фирма со високо реноме за услугите што ги врши. Јас, Спасовски Бобан, сопственик на фирмата Де Лукс-Ауто не сум член на ниту една политичка партија.
Што се однесува на донациите, фирмата Де Лукс-Ауто никогаш нема дадено донација на партијата СДСМ како што се презентира во јавноста. Износот од 12.000 денари што се споменува е попуст на дадена услуга при сервисирање на возила, што како фирма го даваме и на други општествени, политички и стопански објекти.
Одговорно тврдам дека на сите јавни набавки на кои сме учествувале се единствено од економски причини и дека други причини нема и нема да има. Никаде немаме направени пропусти во процедурата за спроведување на јавните набавки, па затоа ги повикувам сите надлежни институции да ја проверат исправноста на постапките каде имаме учествувано. Се со една цел да се прекинат овие инсинуации и небулози од страна на определени политички субјекти.
На тој начин, би се заштитил мојот личен интегритет како и интегритетот на моето семејство и на вработените во фирмата која важи за една од посериозните од оваа област во Република Македонија. Сакам да истакнам дека ова нема да ме спречи со сите регуларни средства да продолжам да се борам на пазарот во областа во која Де Лукс-Ауто има свој интерес. Професионалноста на нашите услуги ќе ги задржиме и понатаму и без разлика која политичка партија е на власт.