Проректорката за настава на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, проф. д-р Христина Спасевска поднесе кандидатура за ректор на УКИМ за мандатниот период 2023-2026 година.
Проректорката Спасевска неодамна во изјава за медиум истакна дека во оваа ректорска трка влегува со уверување дека во соработка со професорите, асистентите и студентите може да се направат вистински промени на УКИМ како најстара и најреномирана образовна институција во земјава. Мотив за оваа кандидатура, според Спасевска е подигнување на квалитетот на високото образование, зголемување на реномето на УКИМ и создавање услови за добивање поголем број на меѓународни проекти и создавање европско образование дома.
Таа поддршка побара и од колегите професори и студенти, со доставување идеи и предлози кои можат да придонесат кон креирање на сеопфатна програма за УКИМ која нуди решенија на актуелните состојби и придобивки за сите.
Д-р Христина Спасевска е професорка на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Последните десетина години посветено работи и како координатор или учесник на повеќе од 20 научноистражувачки и апликативни меѓународни проекти во програмите ФП7, ЕУРЕКА, Хоризонт 2020, ИПА и КОСТ, како и проекти финансирани од Меѓународната агенција за атомска енергија, Светска банка, Централноевропската иницијатива и Министерството за образование и наука, а воедно е и коавтор на повеќе од 80 научноистражувачки и стручни трудови. Во 2019 година добитник е на наградата „13 Ноември” на Град Скопје за остварување во науката, техниката и стопанството од областа на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност.
Постапката за пријавување на кандидати за ректор на УКИМ започна на 3 април па се до денес, по што ќе следи утврдување на листата на пријавени кандидати, а гласање во единиците на УКИМ е закажано за 30 мај.