среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Колумна на Весна Кусакатска: НЕ, БЛАГОДАРАМ!

Колумна на Весна Кусакатска: НЕ, БЛАГОДАРАМ!

Почитуван Министре Шаќири,

Точна ли е информацијата дека деновиве се дистрибуирале учебници по македонски јазик за петто одделение, за учебната 2022/2023 година?

За колку часа: За 13,за 14?

Да ги добиевме на 25 септември, октомври…..

Но на 25 мај?

НЕ, БЛАГОДАРАМ!

Јас работев без учебник безмалку цела учебна година и успеав да се справам. Моите ученици успешно ги постигнаа целите на учење, кои со новата концепција само ги преименувавте во стандарди за оценување, а ништо суштински не променивте.

Научени се децата, уште од минатата година да учат од испечатени црно-бели копии.

Но, бидете без грижа, не пропуштија ништо, благодарение на креативните наставници и на многубројните текстови и песни од нашата богата ризница.

Можеби на некој начин им направивте и услуга на учениците, ако и овој учебник изобилува со обемни текстови, многу непознати зборови (несоодветни за возраста), како ланскиот.

Од друга страна пак, ги поштедивте од неизвесноста да не наидат на грешки, како што се случуваше со учебникот по историја и општество.

На секое прашање од ученик, давам соодветен одговор, но бидејќи овој учебник и покрај многуте грешки не го повлековте, се прашувам како во иднина ќе го објаснам значењето на зборот рецензент или уредник, ако некој случајно ме праша.

И уште нешто: Не чекав ничии препораки и укажувања во однос на мобилни телефони. Мои ученици телефоните ги оставаат во џебови,исклучени, од доаѓање, па до завршување на наставата.

И да, неодамна реализиравме настава во природа во времетраење од 5 дена. Ниту еден ученик не носеше телефон. Ги учев (како и секогаш) на вистински вредности: другарување, емпатија, социјализација. Без ничие задолжување.

Телефоните не им недостигаа на учениците, но печатени, шарени учебници, со убави, разбирливи текстови-да, им недостигаа.

И убаво ќе беше да ги добиеја навреме.

Сега, на крајот на учебната година?

НЕ, БЛАГОДАРАМ!

Колумна на Весна Кусакатска

Најнови вести