вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Почина писателот и фотограф Владимир Плавевски

Почина писателот и фотограф Владимир Плавевски

Познатиот македонски писател, пасиониран фотограф и доктор Владимир Плавевски почина на 74-годишна возраст. Зад себе остави големо книжевно творештво, фотографии, сценарија за театарски драми, радиодрами и неколку филмови.

Плавевски е роден на 11 декември 1948 година во Скопје. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1974 година. Својот работен век го помина како оториноларинголог. Од 2000 година е член и на Друштвото на писателите на Македонија.

Автор е на сценарија според кои за Македонската радио-телевизија досега се снимени повеќе од 40 епизоди од играните серии: „Еурека“, „Прекалени“, „Светски бајки“, „Македонски бајки“ и „Златни басни“. Сценарист е и на ТВ-филмовите: „Состојба пред инфаркт“ (1987), „Бог да ги убие шпионите“ (1993) и „Вампирџија“ (2002), „Бои во времето“ (2005, специјална награда „Златен проектор“ на Астер-фест 2006); „Нави“ (2007), а режисер и сценарист на ТВ-филмот „Мултиплеј“ (2008).

За Македонското радио има подготвено девет радиодрами. Неговите драмски текстови „Пипа ритам“ (1986), „Балерината“ (1994), „Кралот Хамлет“ (1995) и „Каста Дива“ (1997), детскиот драмски текст „Трагачи по виножитото“ (1988) и „Министерот и јас“ (2002) се поставени на сцената на Турскиот театар во Скопје; „Раскол“ во Народниот театар во Куманово (1998); а „Операција Лир“ во Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица (2002).

Во 2013 година ја добива наградата Роман на годината на „Утрински весник“ за романот „Јадица“.

Во 2020 година ја добива наградата „Стале Попов“ за „Боксерот од Ново маало“ (издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“).

Со аматерска фотографија почнал да се занимава од својата рана младешка возраст, а со интензивно излагање фотографии на многубројни групни изложби e активен во периодот од 1973 до 1990 година. Во седумдесеттите години бил член, а потоа и претседател на Фото-клубот „Вардар“ од Скопје (1978-1990) како и претседател на Фото-сојузот на Македонија (1982-1986). Член бил на ДЛУПУМ од 1983 година и бил предавач по предметот „Фотографија“ на Факултетот за драмска уметност во 1993/94 година. Учествувал на голем број групни изложби во земјата и во странство и е добитник на поголем број награди и признанија.

Во врска со фотографијата, ги објавил книгите: „Папарацо – феномен на денешнината“ (1997) и „Фотографија“ (1998).

Најнови вести