среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Миленковски: Спојувањето на предметите е бришење на географијата и на историјата

Миленковски: Спојувањето на предметите е бришење на географијата и на историјата

„На македонското образование му треба целосен ресет почнувајќи од високото, потоа средното и на крај на основното образование. Тие се тесно поврзани, особено во делот каде што универзитетското образование се однесува на образованието на наставникот. На оваа тема сум зборувал многупати досега и секогаш сум тврдел дека образованието и здравството се столбовите на секое општество. Здраво образование е гаранција за здрав и силен развој на секое општеството. Не можете да реформирате нешто оддолу ако не создадете услови за тоа, а наведениот концепт е токму тоа. Се прави промена со воведување нови предмети за кои нема кадар и нема студиски програми за оспособување таков кадар“, вели ректорот на Универзитетот Скопје, проф. д-р Аце Миленковски во интервју за Магазинот за туризам и менаџмент. Според него, спојувањето повеќе предмети во еден е невидена небулоза во образованието, кое со години сѐ повеќе тоне и колабира.

Владата не отстапува од воведување на новиот концепт во образованието, според кој е најавено дека ќе има спојување на предметите историја и географија. Како ректор на Универзитетот Скопје, но и како претседател на Здружението на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје, како го оценувате овој нов концепт што сака актуелната владејачка гарнитура му да го наметне на македонското образование?

Здружение на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје како субјект во културното, научното и граѓанското делување на македонскиот простор постои речиси девет години. На иницијатива на група професори по географија од Република Македонија, на крајот на 2014 година беше потврдена потребата и воедно поддржана иницијативата за основањето на ова Здружение, сѐ со цел да ги актуализира проблемите на професорскиот кадар по географија, како и напредокот на географијата во процесот на наставата. Со својот одговорен, организиран и посветен пристап, константно ги зајакнува угледот и влијанието на професорите по географија во целокупното образовно и културно живеење во државата и презема решителни чекори во правец на отворање можности за враќање на географијата на нивото што е соодветно на нејзината улога и значење во општественото.

Денес, никој не може да разбере ниту да се помири со тоа дека се враќаме во минатото, но не само децении, туку векови наназад, токму со оваа концепција во која нема место за географијата и која ни ја пласираат надлежните институции. Тоа што многу доцниме со квалитетна реформа во образованието, не ни дава за право да се реформираме по секоја цена, односно набрзина, без издржан концепт и без сериозна подготовка за негова реализација.

Самата идеја за изготвување нов концепт за сите нивоа на образованието е добра, но начинот и пристапот на кој е изготвена е вештачки, избрзан, нетранспарентен и целосно погрешен, а со тоа не води до поквалитетно образование за кое се залагаме сите. На сите ни е јасно дека концепцијата е нарачана од еден центар, а дека е изготвена од нестручен и некомпетентен тим. Последиците од избрзаното и недоволно подготвеното имплементирање на концепцијата, преку наставната програма за V одделение, имавме можност да ги воочиме уште на самиот почеток со предметот Историја и општество, за што е јавноста добро информирана. Нерешените дилеми и прашања во однос на концепцијата и целосното игнорирање на мислењето на стручната фела, ни дава за право да се сомневаме дека овој нов концепт е последниот удар на и онака хаотичното македонско образование. Наставните програмите се изготвуваат од година во година, така што сѐ уште не можеме да знаеме како ќе изгледаат и какви комбинаторики ќе се прават во однос на изборот на теми и модули во новите предмети. Ова е доказ дека децениската практика на несериозен пристап во реформирање на нашето образование продолжува, а со оваа концепција само се потврдува дека ниту е пристапено со доволно внимание, доволно време, можност за подготвителен период, ниту, пак, се водело сметка за интересите на учениците, како што милуваат да кажат надлежните. И покрај сите укажувања од наша страна и од страна на стручната фела, за жал, актуелната политика и понатаму го турка и му го наметнува овој штетен концепт на македонскиот образовен систем.

Затоа, ќе се бориме понатамошната реализација на овој концепт целосно да се сопре и да му се пристапи сериозно на реформирањето на образованието, за што сите ќе се сложат дека ни е насушна потреба.

Целиот текст прочитајте го ТУКА.

Најнови вести