недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Претседателот на МАНУ: ДА за ЕУ, но не со понизноста, сервилноста и недостоинственоста на актуелната Влада!

Претседателот на МАНУ: ДА за ЕУ, но не со понизноста, сервилноста и недостоинственоста на актуелната Влада!

Предлагам и се залагам Македонија да биде дел од Европската Унија, но пристапот во кој доминираат понизноста, сервилноста, недостоинственоста, па дури и нечовечноста, што тековната Влада го избрала како единствен пат за пристапување во ЕУ, е грешен и срамен, па затоа треба веднаш да се напушти, вели претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, во интервју на ТВ Алфа во емисијата „За или против“ со новинарот Љупчо Цветановски.

„Ќе упатам неколку прашања до македонски политичари од која било провениенција: леви, во центарот, десни, сегашни и идни властодршци. Дали во Република Бугарија и во Република Грција живееле и денес живеат Македонци? Постојат голем број сведоштва, искази, документи и научни аргументи, кои покажуваат дека одговорот на ова прашање е афирмативен, па, оттука, сите договори со кои се негира постоењето на Македонците во Пирин и во Егеј се невалидни, неправедни и нечовечни. Дали знаете кога Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ? И на ова прашање одговорот го знаат сите, меѓутоа манипулациите на власта и на нивните апологети, во врска со ова прашање, се грандиозни: Не тогаш кога ќе почнат преговорите, не тогаш кога ќе се потпише Договорот за пристапување во ЕУ, туку тогаш кога потпишаниот Договор ќе биде ратификуван во собранијата на сите ЕУ-членки, па, така, и во Собранието на Бугарија. Имајќи ја предвид Декларацијата усвоена во Бугарското народно собрание, во 2019 година, Македонија ќе биде дел од ЕУ само тогаш кога ние ќе признаеме дека не сме Македонци, поточно, дека до 1945 година, Македонците биле Бугари, што значи дека Македонија и Македонците се производ, конструкција, комунистичка (или Титова) творба. Меѓутоа, Македонците ниту биле ниту ќе бидат Бугари, па затоа, прво што треба оваа Влада, и сите идни влади, да го стори, односно да го сторат, е: да се раскине Билатералниот договор со Бугарија. Треба гласно и јасно да се каже НЕ: светите браќа Кирил и Методиј не се бугарски просветители, туку сесловенски; Македонија и Бугарија немаат заедничка историја, а ревидирање на историјата по урнек на нашите соседи, условено со ништовни договори, нема никогаш да дозволиме; додека, пак, македонскиот јазик има просторен и милениумски континуитет и се разликува од бугарскиот“ посочува академик Коцарев.

Македонија сѐ уште не е подготвена да стане полноправна членка на ЕУ, но, за жал, и Унијата нема демократски капацитет да ја прими Македонија во нејзините редови, цени претседателот на МАНУ, кој потенцира и дека ЕУ направи премногу преседани токму кон Македонија, креирајќи и измислувајќи голем број нелогични, недостоинствени и недемократски предлози, така што ние со право можеме да се прашаме дали проблемите што ги има ЕУ се, всушност, поголеми од сите проблеми што Македонија ги има како држава и општество.

Најнови вести