среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Општини

Лазаровски: Задоволувањето на партиските интереси СДСМ го стави над интересите на граѓаните на Гевгелија

Лазаровски: Задоволувањето на партиските интереси СДСМ го стави над интересите на граѓаните на Гевгелија

На вчерашната Седница на Советот на Општина Гевгелија беа разгледувани повеќе прашања меѓу кои и кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Гевгелија за извештајниот период-кумулативно за квартал од 01.01.2018 година до 30.06.2018 година, за кој советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, гласаше против, изјави Зоран Лазаровски, заменик координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Гевгелија.

Ве известуваме за следното: Во првите 6 месеци

  • Имаме најслаба реализација на приходи во основниот буџет од 11,8% или околу 72.000.000 денари.
  • Имаме најслаба реализација на буџетот од аспект на капиталните приходи кои всушност го проектираат развојот на Општина Гевгелија од само 2,47% или 9.360.163 денари, што го потврдува фактот дека трендот надоле со слабата реализациja на буџетот продолжува и понатаму.
  • Имаме најслаба реализација на буџетот и од аспект на капиталните расходи во износ од само 3,55% или 14.734.329 денари, што претставува уште една потврда за надолниот тренд во развојот и за тоа дека во Општината не се реализираат никакви проекти ниту пак се преземаат нови активности туку само се довршуваат предходно започнатите проекти.

Лазаровски потенцираше дека исто така, од финансискиот извештај на Јавното претпријатие Комуналец за периодот од 01.04.2018 до 30.06.2018 година, забележливо е намалувањето на приходите од одржување на јавни прометни површини, приходи од паркови и зеленило, приходи од расчистување на депонија и приходите од одржување на урбана опрема  во износ од околу 3.000.000 денари што само претставува потврда за тоа дека Општина Гевгелија редовно не ги сервисира обврските кон Јавното претпријатие Комуналец.

-Ова е показател дека приходите од водата за пречистување го покриваат дефицитот од 3.000.000 денари заради обврските на Општина Гевгелија кон ЈПКД Комуналец што дополнително прикажува во каква ситуација е буџетот на Општина Гевгелија заради слабото менаџирање на власта. И во една ваква ситуација за неполна година општина Гевгелија реши да вработува 11 лица со што дополнително го оптовари буџетот, а ефектот е поразителен, бројките покажуваат катастрофални резултати кај капиталните приходи. Со тоа, задоволувањето на партиските интереси, СДСМ ги стави пред интересите на граѓаните на Општина Гевгелија, а резултатите од слабото менаџирање на Општина Гевгелија најдобро ги покажува реализацијата на буџетот во првите 6 месеци.

Исто така, тој потсети дека револтот е огромен кај граѓаните од Општина Гевгелија заради инцидентите во градинките во изминатиот период и новите цени за прочистување на водата кои директно удрија по џебот на граѓаните на Општина Гевгелија.

-Последиците од погрешните политики на локалната власт на СДСМ во Општина Гевгелија, веќе ги увидоа граѓаните на кои им беа ветувани голем број проекти пред изборите. Иако поминаа 10 месеци откако СДСМ ја практикува локалната власт во Општина Гевгелија, Имаме период во кој нема ниту еден нов капитален проект во Општина Гевгелија. Очигледно е дека Градоначалникот Сашо Поцков заборави дека имаше програма за локалните избори која ја понуди на граѓаните на Општина Гевгелија, и останаа само празните ветувања за подобар живот за сите, изјави Лазаровски.