петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Скопје

Органите на прогонот молчат за скандалот во ЈСП со префрлањето на 200 илјади евра на фирми без искуство во областа

Органите на прогонот молчат за скандалот во ЈСП со префрлањето на 200 илјади евра на фирми без искуство во областа

МВР,  Финансиската полиција и ОЈО молчат во врска со скандалот со префрлање на  200.000 евра од ЈСП на фирма формирана само еден месец пред да ја добие набавката.

Од нашата редакција беа испратени прашања до овие три институции дали истите покренале или планираат да покренат истраги за случајот кој ја брануваше македонската јавност. До објавување на овој текст, одговор се уште не добивме.

Скандалозната шема за испумпување на пари од буџетот продолжува и во ЈСП Скопје. Имено и по веќе познат принцип со набавката од 35 милиони на Министерството за здравство, скандалозно доделените грантови од Фондот за иновации,  ЈСП додели бизнис во висина од 200.000 евра на фирми формирани само еден месец пред да ја добјат набавката, од страна на ист сопственик на неговата домашна адреса.

Директорот на ова јавно претпријатие,  Кристијан Чушков, назначен од градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во одговори за медиумите вчера беше целосно конфузен и немаше одговори како фирмите „Идкардс“ и „Ит плус смарт консалтинг“ можеле да ги добијат набавките иако претходно немаат никакво искуство од областа.

– Станува збор за две различни постапки, во кои се избрани две различни фирми, во целосно законска постапка. Во текот на постапката согласно закон сме немале обврска да ги споредуваме адресите на кои биле основани овие фирми. Но, дури и да сме ги споределе адресите, согласно закон сме немале право да ги дисквалификуваме фирмите заради тоа што биле основани на иста адреса, изјави Чаушков.

Останува нејасно како никој не проверил дека двете фирми се основани од исто лице и тоа нецел месец пред  да бидат објавени јавните набавки и како токму баш овие две фирми да ги добијат тендерите, ако се земе предвид дека и двете фирми не само што немаат искуство од оваа  област туку немаат никаков проект позади нив.

Реакциите на граѓаните кои бараат да се поништат тендерите не стивнуваат. Се погласна е јавноста во насока на барање на одговорност за ваквите случаи, кои во целост наликуваат на однапред договорена работа.

 

 

И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција обвинија за можен криминал. Тие побараа  органите да започнат сериозна истрага, а воедно директорот на ЈСП да сноси одговорност за сето ова

– Дали тука не се работи за уште една шема каде има сомневање дека блиски луѓе на власта првин формираат фирми неколку дена пред да се распише тендер од некоја државна институција, потоа се распишува тендер скроен по мерка на фирмата штотуку формирана, за истата на крај да добие милионски бизнис од власта. Дали ова не е најголемиот грабеж врз Скопје извршен во модерната историја на градот. Дали и кој договорил формирање на овие две фирми со конкретна намера да го добијат бизнисот од 200 илјади евра, запраша советничката од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, Ирена Попова.