недела, 3. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Трета смена во Судска Железара

Трета смена во Судска Железара

Два дена ми се врти низ глава еден стих од песна, во која се пееше за „трета смена во Железара“. Некако стихот ми се всади в глава, откако го видов работниот петок, 31 август, кога во двата суда, скопскиот кривичен и Апелациониот до доцна вечерта светеа светлата, бидејќи се судеше, пишува во својот коментар за „Сведок“, новинарот Сашо Димовски.

Пардон, се раздаваше „правда на мускули“, зашто и во двата случаи, судењата повеќе беа театар отколку вистинско судење.

Во принцип, многу работи се правеле под закрила на ноќта, за да не се гледаат, но не за долго. Вистината, кога тогаш, како што велеше Никола Груевски на времето „е како шило“ па, кога тогаш ќе излезе на виделина.

Но, ајде, малку реално да погледнеме што се случуваше во петокот во двата суда, кои личеа на „трета смена во Железара“.

Во Апелациониот суд во Скопје требаше од рано наутро да продолжи јавната седница на која ќе се разгледуваа жалбите на Ѓоко Поповски и Никола Груевски, осудени на 6,5 и 2 години за набавка на луксузниот мерцедес од 600.000 евра во случајот „Тенк“.

Седницата беше презакажана од четвртокот, бидејќи Груевски, а посебно неговите адвокати беа ангажирани во две судења кои во исто време, паралелно се одвиваа во кривичниот суд, „Шамарите во Центар“ и „Тенк“.

Околу 9 часот сретнав еден од адвокатите кој дошол во судот да ги донесе термините утврдени за судење во предметот „27 април“ на судијката Дорила Кацарска до крајот на јануари 2019 година, за да покаже дека не седат во кафана и да побара термин кој би се нашол меѓу 60-те судење што Кацарска ги резервирала за спомнатиот предмет.

Во судница Груевски сам, без адвоати, кои овој пат се на „27 април“, судење кое траеше од 10 наутро до 22 навечер!?
Кога не помина барањето да се одложи седницата затоа што нема адвокати, кои се ангажирани во притворскиот предмет за упадот во Собранието (кој неспорно, има приоритет) и судот реши да ја држи седницата, беше поднесено барање за изземање на судиите, на претседателот на судот, па одлучуваше и Апелациониот и Врховниот суд. По серија паузи и чекање да се комплетираат одлуките за изземање на судиите како Совет, па поединечно на судијката известител и претседателката на Советот, судењето почна на стемнување, во напната и тензична атмосфера, со странки и јавност кои денот го поминаа низ ходниците на судот, поседнати по скалите или на столиците, без вода и храна, зашто паузите „од половина час“ или известувањето од судиите дека се во комуникација со Врховнииот суд и чекаат решенија, не дозволуваше странките да се оддалечат многу од судот.

И, во такви околности неизбежни се прашањата: зошто се прави ова, кој што нарачал, кој што треба да испорача, каква треба да биде одлуката и серија прашања, кои нема да имаа јавен простор, ако судот не решеше на мускули да тера правда. А, еве и зошто!

По добивањето на предметот за Груевски и Поповски, познат како „Тенк“, кога веќе била закажана јавна седница, Судот морал да биде свесен дека ќе го чека канонада барања за изземање и други процесни барања и на тоа морал да биде подготвен. Тоа што формално голем дел од судиите се на одмор, значеше свикување и на Совет во Врховниот суд, па од тука, одлагањето со паузи од по половина час, беше многу несериозно зашто покажува дека судот нема контакт со реалноста ако помислил дека во тој половина час ќе може да дадат изјави судиите дека не се пристрасни, па претседателот на судот ќе донесе решение за нив, па ќе даде изјава дека тој не е пристрасен, па предметот ќе се однесе во Врховниот, ќе се заведе, ќе се свика Кривичен совет, ќе се реферира, ќе се донесе решение, ќе се експедира, ќе се врати назад и сетоа тоа за само 30 (триесет) минути!

Извинете, ама тоа се вика заебанција од судот кон странките! И нормално, процесот на техникалии, од утрото во 9.30 траеше до после 17 часот, за на стемнување да почне седницата на која 2 часа се читаше првостепената пресуда и тука се прекина, зашто не знам кој имаше сила после работен ден од 12 часа да слуша кои се жалбените наводи или каков предлог има СЈО.

А, на кого му требаше овој театар и тврдиот став на Апелација дека ќе држат седница и без адвокати?! Па, ако имале таква намера, зошто закажувале јавна седница? Судот, по добивање на жалбите можел едноставно да одлучи на седница која не е јавна и ќе се спасел од целата бламажа на барања за изземање и за глумење дека судиите се разболуваат, со што си дадоа автогол и ги подгреаа шпекулациите дека навистина Советот се менува неколку пати за да се постигне мнозинство кое ќе ја потврди казната на Никола Груевски, за пред референдумот да се испрати и во затвор.

Да се разбереме, ако заслужил да го испратат во затвор, не на крај на септември, уште утре нека го испратат, ама да не му дадат простор да биде жртва на процедурални пропусти, кои утре низ призма на некоја пресуда на Стразбур, за повреда на правото на фер судење и право на одбрана, ќе го засени вистинското дело.
Еве, ја не верувам и јавно се сомневам дека судијката Лидија Чачева која во четвртокот беше член на Советот, се разболела до толку преку ноќ, за во петокот да биде заменета со судијата Зоран Димитриевски?! Во моментот кога судијката Цветанка Периќ ја најави промената на советот, поради болеста на Чачева, ми дојде силно да прашам во судница, да не станува збор за некоја заразна болест, за некој вирус, за некоја западно нилска треска не дај боже, и да побарам да се дезинфицира судницата во која присуствуваше болната судијка претходнииот ден, па да не не префати сите нас, присутни во судницата.

Простете, ама јас не верувам дека судијката Чачева избега од Советот затоа што била болна, ако била, туку, како што се вртеше по кулоарите, од некакви опашки што се влечеле од некој предмет, а кои можеле јавно да бидат изнесени и да ја компромитираат! Можеби и не е встина, како што е сигурно дека не беше вистинска и болеста на судијката.
Можам да ја замислам судијакта Добрила Кацарска доколку некој обвинет така преку ноќ се „разболеше“ како што и се случи на судијката Чачева. Гарант ќе викнеше од стоматолог до гинеколог во судница и ќе и наредеше да седи 12 часа и да суди! Но, кантарот не мери подеднакво за сите учесници на судењата.

Сега, седницата треба да продолжи оваа недела во присуство на адвокатите. И што добивме? Слушнавме само што пишува во пресудата и еден цел ден поминат во „повуци-потегни“. А имаше потреба за тоа? Апсолутно не! Судството по се изгледа има налог да се покаже пред референдумот и пред европскиот скрининг, но дали на овој начин ќе ги убеди граѓаните дека се случиле вистински промени, а не само спроведување на политичка агенда?

Па, барем јас во овие 2,5 децении работа сум сведок каде што судиите паѓаа во бесознание, беа носени по болници со Брза помош, освежувани со инфузија и враќани да ги завршат истрагите во предмети со дузина обвинети. И знаете што се случи? Баш тие предмети се судат се уште и по поминати 15 години.
Се сеќавате на предметот „Тенковски делови“, на обидите да му се одземе имунитетот на Владо Бучковски за да биде притворен и да му се суди? И тоа беше и ноќе и за празник, па еве, за 2 недели има ново судење за овој предмет во Основниот суд, а постапката трае безмалку 15 години. Да не ги споменувам „Змиско око“ и серија други предмети кои ни оддалеку нема најава да завршат а веќе прославија 10-годишнина!

Од тука, не ни треба правда на мускули и пресуди на Стразбур кои ќе ја осудат Македонија бидејќи направила повреда на правото на фер судење и право на одбрана гарантирани во Конвенцијата.

А, толку ли е тешко да се направи координација и да и се одземе „ексклузивното“ право на Добрила Кацарска во нејзините предмети да дава термини до „влзеот во ЕУиНАТО“ на Северна Македонија, па од таму, сите адвокати да бидат само во нејзината судница а другите предмети да трпат?!
Што ќе изгубеше судењето против Гордана Јанкуловска на пример, ако Кацарска не инсистираше адвокатите да бидат кај неа и да не можат да одат во Апелација кај Груевски? Ќе пропаднеше ли судот, ако наместо во 10 часот, кога се поклопуваа судењата, Кацарска да закажеше судење во 14 часот и на тој начин да немаше проблем? И така, само таа го чита законот дека судењата не познавале работно време, па суди до 22 часот. Решенија може да се најдат, само ако се сака. А, ако не се сака, тоа се вика тенденциозност.

Многу ќе бидам љубопитен да знам колку на крај на месецот ќе треба да плати кривичниот суд за ангажирање по 15 часа на ден на поротниците, дактилографките, полицајците, судските и затворски, кои од темни зори до црни ноќи се покрај обвинетите и ги носат од куќен притвор или затвор.

Да не зборувам за безбедноста на обвинетите кои од 6,30 часот се земаат од Охрид на пример, а се враќаат во 2 по полноќ наредниот ден, по судењето кое трае до 22 часот. Кој е способен да вози од Скопје до Охрид по ден кој му траел 18 часа без храна и вода?! Да, велам без храна и вода, зашто на петочната маратонска судска голгота, кога Кацарска ја дала паузата, во блиските ресторани околу судот немало никаква храна, па сите поминале само со кафе и сок а денот само судечки траел 12 часа, на кој не се дозволува консумирање храна.
Во нормални земји ова би се викало злоупотреба на позицијата и силување на правото. Кај нас се вика само „испорачување“. Не е важно дали е кон СДСМ, ВМРО или ДУИ. Зашто, како да го објасниме овој судски залет токму од истите судии кои понизно му служеа 11 години на „режимот“? Како поинаку освен дека не бил режим или дека судиите биле професионални вака и тогаш, само се сменила перцепцијата на тие кои гледале кон судиите и судството.

Ме загрижува она здружение на Ване Цветанов кое очекуваше ревизија на политички монтираните случаи?! Многу се тивки во барањата за нови судења, а гласни во агендата за референдумот. Не гледам дека нешто им се повторуваат судењата. А, и да им се повторат, пак би дошле во рацете на истиве судии.

Затоа, џабе Зоран Заев се фалеше дека го отворил судството како „пупка“ кога постои голема опасност од силуваното судство да не се роди здрава рожба, туку очекуван спонтан абортус. Од работава на судот до црни ноќи може да има само една добра работа, Владата итно да го измени законот за судови и да воведе втора смена или работа на судот барем до 22 чаот.
Ако можат да судат вака во овие предмети, можат да судат и во сите други. На тој начин може и ќе ни тргне на подобро. Барем судот ако треба да личи на трета смена во Железара, нека биде тоа регулирано со закон, а не според желбите и издржливоста на судиите, додека ите други паѓаат во кома.

Коментар на Сашо Димовски за порталот Сведок.

Најнови вести