петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Се бараше изземање на Кацарска, Џолев одби, Комисијата за заштита од дискриминација утврди дискриминирачки однос кон Јанкулоска

Се бараше изземање на Кацарска, Џолев одби, Комисијата за заштита од дискриминација утврди дискриминирачки однос кон Јанкулоска

Барање за изземање на судијката Добрила Кацарска побараа адвокатите од одбраната на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на почетокот на денешното рочиште во раздвоената постапка во случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.

Адвокатите Сања Алексиќ и Боро Тасевски објаснија дека барањето за изземање се однесува на мислење добиено на 27 август од седум члена на Комисијата за заштита од дискриминација со кое таа го задолжува судот да ја отстрани веќе утврдената дискриминација во постапката.

 

Од Комисијата за заштита од дискриминација утврдуваат вознемирување од Член 7 став 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација по поднесената претставка на Гордана Јанкулоска против судијката Добрила Кацарска бидејќи ја депривилегирала и ја изложила на деградирачки однос во областа на пол и политичка припадност.

Комисијата додава дека Јанкулоска била и навредена и во областа на социјалната сигурност и здравствена заштита при што дошло до вознемирување со повреда на достоинство на лицето и се создала понижувачка состојба.

 

По нецел час претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев го одби како неосновано барањето за изземање на судијката Добрила Кацарска.

Кацарска на странките им врачи примерок од одлуката, по што судењето продолжи со сослушување на сведокот Зоран Марковски, вработен во Мак Ауто Стар во 2012 година.

На прашања од обвинителот, Марковски рече дека бил управител на Мак Ауто Стар, но не бил вклучен во процесот за изготвување понуда и учество на тендерот, а само е потпишан на договорот.

– Директно одговорен за тоа е директорот на продажба во тоа време. Цената се формира со тоа што на набавната цена се додаваат царински и акцизни давачки, вообичаената маржа и ДДВ. Ценовник за вакви возила не постои, бидејќи не се дел од секојдневната понуда, рече сведокот.

Кажа дека немал контакти со лица од МВР за оваа набавка. Рече и дека додека е управител на Мак Ауто Стар, продавале и други блиндирани возила.

На вкрстени прашања од адвокатката Сања Алексиќ, Марковски одговори дека немал никаков контакт со Гордана Јанкулоска и дека оваа постапка за набавка на блиндирано возило била прва извршена по пат на јавна набавка, додека другите продажби на такви возила биле со директно договарање.

Сведокот објасни дека кога има потенцијален купец за возило кое се наоѓа во Германија се прави резервација за тоа возило, што не е обврзувачка за нив се до моментот кога купецот ќе ја потврди нарачката, по што се врши нарачка што потоа е обврзувачка за нив.

Најнови вести