вторник, 21. ноември 2023. Вести денес: 0
home Технологија

Астрономи ја открија алката што недостасува: Водата на Земјата е постара од Сонцето?

Астрономи ја открија алката што недостасува: Водата на Земјата е постара од Сонцето?

Пратејќи трага на вода низ вселената и начинот на кој таа стигнала до нашата планета, научниците откриле протоѕвезда, наречена V883 Orionis, оддалечена 1.300 светлосни години од нас која им привлекла внимание. Или попрецизно – нејзиниот диск.

Во желба да го откријат потеклото на водата на Земјата, астрономот Џон Тобин од Националната радиоастрономска опсерваторија при Националната научна фондација и негови колеги го користеле телескопот ALMA во Чиле за да го измерат нејзиниот хемиски потпис ни патот во вселената. Она што е интересно е што во оваа прилика ја проучувале „верзијата“ во која еден од атомите на водород бил заменет со деутериум, т.е. тежок изотоп на водород.

Причината за вакво нешто, пред сѐ, лежи во фактот што ваквите видови вода се формираат во различни услови. Слични студии од порано сугерираат дека водата во некои од кометите кои се движат низ Сончевиот Систем е слична со водата на Земјата, а тоа укажува дека овие космички карпи всушност биле тие кои ја донеле течноста на Земјата. Меѓутоа, она што порано недостасуваше е врската помеѓу ѕвездите и кометите.

„Досега ланецот на вода во развојот на нашиот Сончев Систем беше прекинат. V883 Orionis е алката што недостасува во овој случај. Составот на вода во нејзиниот диск е многу сличен на составот на водата во кометите од нашиот Сончев Систем“, објаснува Тобин.

Зошто испитувањето на водата во дискот на V883 Orionis е важно?
Благодарение на чувствителноста на телескопот ALMA и способноста да ги види и најмалите детали, истражувачите успеале да ја испитаат водата и да го одредат нејзиниот состав, како и да ја мапираат нејзината дистрибуција во дискот. Она што го забележале е дека дискот содржи и до 1.200 пати повеќе вода од вкупната количина на вода на Земјата.

Покрај тоа, нивната анализа откри дека водата во дискот на V883 Orionis останува непроменета во текот на секоја фаза – од протоѕвезда до протопланетарен диск и комета. Тоа, тврдат тие, докажува дека водата во планетарните системи е формирана пред милијарда години, многу пред Сонцето, планетите и кометите.

„Веќе знаевме дека има многу воден мраз во меѓуѕвездениот простор, но резултатите покажуваат дека оваа вода била директно инкорпорирана во Сончевиот Систем за време на нејзиното формирање. Ова е возбудливо бидејќи сугерира дека и другите планетарни системи би требало да примат големи количини вода“, вели еден од коавторите на студијата, Мерел ван Хоф, астроном од Универзитетот во Мичиген.

Маргот Лемкер, астроном од Универзитетот во Лејден, Холандија, и коавтор на студијата, заклучува: „Значи, гледајќи ја водата во дискот на V883 Orionis, ние во суштина гледаме назад во времето и гледаме како изгледал нашиот Сончев Систем кога бил многу млад“.

Истражувањето е објавено во списанието Nature.