Сириските власти објавија дека е пронајден мозаик од римско време, кој датира од 4 век и кој е „исклучително редок“ и „целосно зачуван“. Мозаикот бил направен пред 1.600 години, најден е во градот Растан, во покраината Хомс, во централна Сирија, поранешното упориште на бунтовниците против режимот.
Мозаикот прикажува „јасно видливи детали и имиња на грчките кралеви кои учествувале во Тројанската војна“, кажа за Франс прес Хамам Саад, шеф на ископувања и археолошки истражувања во Општата управа за антиквитети и музеи. „Досега не сме имале ништо слично“, истакна Саад, додавајќи дека делото не е најстаро во Сирија, но е „најкомплетно и исклучително ретко“. На мозаикот се прикажани и амазонски воинки.
„Делот кој досега е откриен е долг 20 и широк шест метри“, кажа тој, истакнувајќи дека има други делови за чистење. Ова е деветтиот мозаик откриен на тоа наоѓалиште. Сирија, земја на повеќевековни цивилизации е преполна со археолошки богатства.
Некои наоѓалишта претрпеа оштетувања и разурнувања во војната која почна во 2011. Растан, кој беше место на тешки борби меѓу владините сили и опозициските бунтовници од избивањето на граѓанската војна, има многу древни археолошки наоѓалишта кои датираат од римско време. Во градот Хомс, црквата Ум ал-Зинар беше запалена, џамијата Халид Ибн ал Валид беше оштетена а мозаици во Растан беа украдени.